Заменик министерот Бајдевски се обрати на 30-та Синдикална школа на Синдикатот на УПОЗ
Заменик министерот за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски и советникот во МИОА, Билјана Жагар, учествуваа на 30-тата Синдикална школа на Синдикатот на УПОЗ.
На настанот се дискутираше за тоа, што ќе донесат измените на Законот за административни службеници (ЗАС), потоа за Законот за вработени во јавниот сектор (ЗВЈС), како и за предлог – Законот за висока раководна служба (ЗВРС).
Како што истакна заменик министерот Бајдевски, кој воедно е и претседавач со Секретаријатот за реформа на јавната администрација, надминувањето на проблематичните аспекти на сегашните законски решенија е и ќе биде резултат на широк консултативен процес и вклученост на сите засегнати страни, директно мониториран од граѓанските организации, но и од меѓународната заедница.
Притоа информираше за наредните чекори на Министерството за информатичко општество и администрација, односно дека ќе се пристапи кон изработка на предлог на Закон за изменување на Законот за административните службеници и Закон за изменување на Законот за вработените во јавниот сектор, кој треба да бидат доставени до Владата во јуни, а усвоени од Собранието најдоцна до септември оваа година.
„Министерството за информатичко општество во Вас како Синдикат на УПОЗ гледа партнер со кој со заеднички напори ќе дојдеме до постигнување на крајната цел, а тоа е – квалитетни и мотивирани вработени кои ќе придонесат за постоење на професионална и услужна јавна администрација, соодветна на потребите на граѓаните и бизнисите, раководена од страна на отчетни и одговорни раководители“, истакна Бајдевски.