Мустафа за Светскиот ден на Ромите: Време е да ја тргнеме историската дамка од нас

Деновиве 12 милиони Роми низ целиот свет се подготвуваат да го одбележат Светскиот ден на Ромите, 8 април, истакнува Неждет Мустафа, лидер на Обединета партија за еманципација на Ромите (ОПЕР), кој во свое пишано обраќање изразува благодарност за протагонистите на првиот Ромски конгрес.

„Сега сметам дека е морално и коректно, секој од нас да си го постави прашањето: го оправдавме ли и дали го заслужуваме овој историски датум?“, го почнува Мустафа својот текст.

„Првите децении од 1971 година, по овој значаен конгрес, поминаа неприметно, лицемерно, со голема доза на страв од тогашните општествени владеења и меѓусебните лидерски сплетки и недоразбирања, негирање и потиснување на движењето на оваа елита наречена Интернационална Ромска Унија – ИРУ. Од 2000 година, новите генерации ставија акцент на ова движење, потврдувајќи ги темелните национални вредности: знаме, јазик, химна и идентитет. Ромски организации, музичари, фоклористи сосема мала група на еманципатори, ги следат демократските промени во Европа и интересот фокусиран кон ромската еманципација. Чекор по чекор, од децениска темнина влегуваат во фокусот на европското внимание“, нагласува Мустафа кој исто така е и Мисионер на Балканската унија на Ромите (БАРОМ).

За новите генерации тој вели дека го афирмираат одбележувањето на конгресните вредности.

„Ги осветлуваат имињата на основачите на ИРУ, на претседателот, големиот мудрец и научник, визионер, филозоф, храбар оратор, Рајко Џуриќ, генералениот секретар Гратан Пуксон, Осман Балиќ, Станислав Станкиевиќ, Марсел Куртијаде, Орхан Галјуш, Фаик Абди, Шаип Јусуф, Николај Георге, Емил Шчука, Хуан де деиос Рамирез Хердиа, Кенриг Доналд и Јан Цибула“, пишува Мустафа.

 

Според него, Ромите кои се познати по фолклористиката, повторно на многу места низ светот со музика и песна, говор и протест уште еднаш ќе ги пренесат своите пораки на овој ден, но лидерот на ОПЕР воедно прашува и дали е сето тоа  доволно за покрупни промени.

„Веќе со децении Европската унија, Советот на Европа, фондации, невладини организации и политички партии, не потсетуваат дека Ромите сѐ уште остануваат најзагрозена и најранлива, етничка заедница. Низ цела Европа, основните права на Ромите се уште се прекршуваат редовно. Има чести настани со расистичко насилство и говори на омраза кон оваа ранлива зедница. Ромите сѐ уште се предмет на недоверба, пропаст, лажни надежи. Тие сѐ уште живеат без европски вредности како етничка заедница. Во континуитет само се охрабрени со препораки од највисоките европски лидери“, истакнува Мустафа во својот текст.

Според него, загрижува забелешката колку мал напредок е постигнат од 1990 година до сега во подобрување на животниот стандард на Ромите.

„Ги искористивме ли рационално милионските буџетски ставки од страна на ЕУ и комисиите задолжени за афирмирање и унапредување на ромската инклузија, интеграција, образование, здравство, вработување? Сметаме ли дека имавме доволно интерес и стратегии на европските пријатели во имплементација на чувствителните рани на ромската општествена изолација во обид да не извлечат од децениската сиромаштија? Дали мислиме дека заслужува внимание војната во бивша СФРЈ и дека треба да се осветли егзодусот на Ромите на Косово, во Босна и Херцеговина, Србија и дека стотици илјади Роми сѐ уште се расфрлени низ Европа и Балканот и дека ова прашање никако да дојде на дневен ред кај европските парламентарци: Имаше ли злосторство врз ромската заедница во војната на бившата СФРЈ? Или и тоа ќе остане во темница, како од времето на фашизмот и генoцидот врз Ромите. Да, ние сме мизерно пасивни. Не се посветуваме на суштинските нешта за нашиот народ. Очекуваме некој друг да се жртвува за она што секој ден му се случува на овој народ без водач. Затоа немаме јунаци, револуционери, идеолози, лидери кои ги спомнуваат во историјата, затоа сме таму каде што сме“, констатира Мустафа кој е и Основач на Европскиот Рома патувачки форум.

Тој додава дека Ромите денес се особено вознемирени поради кршењето на правото на домување, како и правото на миграција кои, како што вели, се интензивирале во последните неколку години во европските земји со силна антипатичност кон оваа заедница.

„Еве денес, јас, Неждет Мустафа со најпочесни државни функции во светот, го пренесувам гласот на ромскиот народ. Вие што оваа колумна ја читате, вие кои што сте дома, на улица, во канцеларии, пред вашите лаптопи, треба да знаете дека како рамноправни граѓани никој не може да ви го пресече патот да говорите за она што е ваша обврска и ваша болка. Дури никој нема право да ви ја одземе храброста да стоите исправени пред неправдата, меѓу другите заедници насекаде каде што живеат Ромите. Јас знам дека се плашиме од самите себе, од медиумите, од нашата дволичност, лојалност, од оние кои нѐ подржуваат, од оние кои што нѐ водат, од оние кои што нѐ манипулираат, меѓу себе водиме живот со силна недоверба и сплетки, умираме без виозионерство и на крај останува да се преспитаме со пораката од нашиот створител – ако еден народ не може сам да се промени ниту јас нема да го променам, ќе го заменам со друг народ“, се наведува во пишаното обраќање по повод 8 април, Светскиот ден на Ромите.

Според Мустафа, Ромите мора да живеат со нов сон, дека еднаквоста со сите други граѓани и заедници секогаш доаѓа со знаење, упорност и дијалог.

„Со кревање на гласот против предрасудите, инфериорноста, стереотипите, процесот на успорен развој. Ние не сме декор, ниту проектна заедница ниту критична маса на архитетектите кои децении го успоруваат нашиот развој. Нашите настапи на овој ден треба да ги преферираме реторика на отпор. Не! Ние не сме отфрлен народ. Ние сме граѓани, државјани, народ на Европа, на Балканот. Тука е нашиот развој. Инклузијата и интеграцијата на нашиот народ не смее да се оддели од ниту еден граѓанин или задница. Како што пред Господ сме сите еднакви така и пред државитe мораме да сме еднакви меѓу еднаквите. Еднакви обврски, еднакви права“, смета Мустафа кој додава дека потребна е акција за ваквиот сон да стане реалност.

Мустафа симболично вели дека Ромите не смеат да си дозволат да стават катанци на своите срца.

„Ќе си дозволиме ли да ја прифатиме клетвата за оглувени, ослепени и онемени? Да се молиме кон патот на вечноста, да станеме народ кој едни на други во наследство ќе остават траги на гордост, доверливост и почит. Да ја тргнеме историската дамка од нас. Со децении тивко не претвораат во друг народ. Зарем ќе си дозволиме самите да се осудиме на пропаст. Аманетот на конгресмените од 1971 година беше да станеме реформисти, не фолкористи – демократи, а не традиционалисти“, нагласува Неждет Мустафа во текстот по повод Светскиот ден на Ромите.

Треба да знаете
Последни објави