Во последно време сè повеќе се размислува за скратување на работната недела, бидејќи се смета дека тоа позитивно влијае врз продуктивноста на работниците и им овозможува да постигнат баланс меѓу работниот и приватниот живот.
Во Велика Британија веќе има случаи во кои помали компании ја скратуваат работната недела на четири работни дена, сметајќи дека со тоа, од една страна, ќе им овозможат на своите вработени да имаат повеќе време за себе и за своите најблиски, а од друга страна, да бидат попродуктивни во извршувањето на работните обврски. Британски „Гардијан” неодамна објави дека работодавачите на помалите компании сè повеќе експериментираат со тоа што на своите вработени им даваат три слободни дена неделно, а платата им останува иста.
Одредени истражувања покажуваат дека преоптовареноста со работа резултира со илјадници заболени од депресија секоја година, а прекувремената работа го отежнува балансирањето меѓу кариерата и грижата за семејството.
Од друга страна, во државите од регионот актуелна е идејата со закон да се прогласи недела за неработен ден за трговските објекти, со што вработените од овој сектор ќе имаат повеќе време да поминуваат со своите семејства, а ќе бидат и попродуктивни во извршувањето на работните обврски.
Ваква пракса веќе е воведена во Грција, каде што во недела не работат трговските објекти. Црна Гора, пак, наскоро се очекува да усвои закон со кој неделата ќе ја прогласи за неработен ден за трговците. Сепак, црногорските власти не планираат да ги затворат сите трговски објекти во недела. Со подзаконски акти се очекува да бидат донесени решенија со кои ќе се дозволи да има исклучоци во туристичката сезона, а од обврската ќе бидат изземени трговските објекти што продаваат продукти неопходни за непречено функционирање на граѓаните. Слична иницијатива е поднесена и во Србија од Самостојниот синдикат за трговија.
Кај нас засега не постои ваква иницијатива. Трговските објекти, без разлика дали се мали или големи, работат и во недела. Граѓаните во недела може да купат весници или цигари од трафиките, облека во продавниците специјализирани за оваа намена, апарати за домаќинство и компјутерска опрема…
Синдикатите и работодавачите се со различен став околу ова прашање. Првите сметаат дека сабота и недела треба да бидат денови на неделен одмор, а вторите велат дека е нелогично да се ограничува работењето на одредени трговски објекти во недела со оглед на нивната спефицична дејност и оти е најдобро секој трговец сам да одлучи како ќе го организира своето работно време.
– Сојузот на синдикатите на Македонија во рамки на активностите за изготвување нов закон за работни односи достави свој предлог на Законот за работни односи до Министерството за труд и социјална политика во текот на февруари 2019 година. Покрај другите предлози за унапредување на работното законодавство, а во насока на заштита на работничките права и обезбедување баланс меѓу работата и семејството, ССМ предложи ден на неделен одмор по правило да биде сабота и недела, велат од ССМ за МИА.
Од друга страна, од Организацијата на работодавачите на Македонија посочуваат дека прогласувањето на ден за неделен одмор најмногу зависи од видот на дејноста и оти е нелогично да се ограничува работењето во недела, на пример на кафулињата и рестораните.
– Законот за работни односи во членот 134 став 2 регулира дека како ден на неделен одмор може да биде и друг ден во неделата. Со ова им се остава на работодавачите со свој интерен акт самите да одлучат кој ден во неделата ќе се смета за ден на неделен одмор. Се разбира дека ова најмногу зависи од видот на дејноста на работодавачот. По правило разни кафулиња, ресторани и некои други малопродажни објекти неделата ја прогласуваат за работен ден затоа што во тој ден прават и најголем промет. По правило ваквите објекти работат во недела и насекаде во Европа. Бидејќи ние сме мала држава со многу скромен пазар, нелогично е да го ограничуваме работењето на ваквите објекти во недела. Другите малопродажни објекти што продаваат разновидна друга стока, храна, текстил, бела техника итн. исто така би требало да одлучат дали неделата ќе ја заменат со некој друг ден во неделата, а ако се одлучат да работат во сите денови во неделата, тогаш ќе биде потребно да вработат дополнителен број работници, што исто така оди во корист на државата, вели Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачите на Македонија.
Во земјите од Европската Унија различно се толкува ова прашање, но со директива на Европската Унија е пропишано дека работниците мора да имаат ден за одмор. Во Германија, недела и државните празници се пропишани како денови за одмор, но постојат исклучоци, па така во некои градови трговските објекти работат неколку недели годишно, додека Франција во 2015 година им даде можност на градоначалниците да изберат 12 недели годишно во кои ќе работат трговските објекти, но сепак исклучок се продавниците во областите што се посетени од голем број туристи.
Норвешка е најпрогресивна на ова поле, бидејќи во јануари лани Парламентот изгласа да остане во сила забраната за работа во недела, додека Унгарија во 2015 година забрани работа на продавниците во недела, но само по една година ја укина таквата одлука.