Претседателот на косовското Собрание, Кадри Весели денеска по повод Меѓународниот ден на Ромите, прими делегација на ромската заедница во Косово, предводена од пратеникот Алберт Киноли, јави дописникот на МИА од Приштина.
Честитајќи им го празникот на сите припадници на ромската заедница во Косово, Весели рече дека „малцинските заедници се едно од најголемите богатства на државата”.
Според собранискиот спикер, „уставното и законското дефинирање на правата и слободите на малцинските заедници го поставува Косово на висока позиција во светски рамки, како држава со еднакви можности за сите нејзини граѓани, без разлика на нивната етничка и верска припадност”.
Весели, според соопштението од неговиот кабинет, изразил признание за државотворната ориентација на ромската заедница во Косово и за нивниот придонес за унапредување на демократските процеси во земјата.
Тој порачал дека државните институции ќе продолжат со заложбите за подобрување на условите за живот и за поголема благосостојба на сите граѓани на државата.
Меѓународниот ден на Ромите, преку својата страница на Фејсбук, им го честиташе и косовскиот премиер Рамуш Харадинај, порачувајќи дека таа заедница е „богатство на косовското општество и негов нераздвоен дел”.
– Косово тежнее да ја подигне свеста за предизвиците со кои се соочува ромската заедница и е решително во определбата за создавање социјална, политичка и законска клима во која правата и културата на Ромите се почитуваат целосно и во секое време, напиша Харадинај.