Средба на Џафери со Данко, спикер на словачкиот Националниот совет

Во рамки на конференцијата на претседатели на парламенти на земјите членки на ЕУ и на земјите кандидати за членство, што се одржува во Виена, претседателот на Собранието Талат Џафери оствари билатерална средба со Андреј Данко, спикерот на Националниот совет на Словачката Република.

На средбата Џафери изразил благодарност за отворената и континуирана билатерална поддршка, особено за ратификацијата на Протоколот за полноправно членство во НАТО на нашата земја, за што минатата недела гласаше огромно мнозинство во Народната Рада на Словачка.

Како што денеска соопшти собраниската прес-служба, тој информирал дека стапувањето во сила на Преспанскиот договор ја покажува јасната определба на Република Северна Македонија за унапредување на регионалното помирување и добрососедските односи, а ја истакнува и посветеноста на исполнување на задачите од реформската агенда и постигнување видлив напредок на европскиот пат.

Претседателот на Националниот совет на Словачката Република го поздравил постигнувањето на договорот со Грција како храбар, стратешки чекор и како јасен сигнал до меѓународната заедница дека земјата е подготвена да се справува со предизвици.

Во однос на проширувањето на Европската унија, стои во соопштението, спикерот Данко изразил поддршка за интегрирањето на земјите од Западен Балкан и нагласил дека процесот треба да продолжи и покрај внатрешните проблеми на Унијата, како што е Брегзит.

Претседателот на Собранието Џафери побарал поддршка од својот колега во врска со добивањето датум за почеток на преговорите за Република Северна Македонија во јуни оваа година, како силен импулс за продолжување со реформскиот курс.

Двајцата соговорници ја оцениле како успешна и соработката во однос на мигрантската криза. Со цел унапредување на билатералната соработка, Џафери му упатил покана на колегата Данко во наредниот период да ја посети Република Северна Македонија.

Треба да знаете
Последни објави