Амбасадорот на САД во Косово, Филип Коснет во својата честитка по повод 11-годишнината од усвојувањето на косовскиот Устав цитира една реченица од преамбулата на највисокиот законски акт на државата, јави дописникот на МИА од Приштина.
– Во 2008 година Косово го усвои својот Устав, во кој се вели дека луѓето се „решени да ја градат иднината на Косово како слободна, демократска и мирољубива земја, која ќе биде татковина на сите нејзини граѓани”. Денеска ние им честитаме на сите тие кои работат на тоа овие зборови да се преточат во дела, напиша Коснет на својот Твитер.
Косовскиот премиер Рамуш Харадинај во својата честитка по повод Денот на Уставот порача дека на денешен ден пред 11 години „преку највисокиот правно-политички акт се стави печат на Косово како независна и суверена држава, како суверена и мултиетничка демократија, млада по возраст, либерална по идеја и западна по дух”.
Честитка по повод државниот празник, меѓу другите, упати и поранешниот премиер и актуелниот лидер на најголемата опозициска партија, Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), Иса Мустафа, кој 9 април го оцени како еден од најзначајните датуми за Косово.
– Овој документ е политички акт за градење и развивање на правна и демократска држава и овој документ му даде живот на независно Косово. Нашите институции треба секојдневно да работат на спроведувањето и имплементацијата на овие законски акти, за Косово да чекори рамо до рамо со западните земји, порача Мустафа.
На денешен ден 2008 година, два месеци по прогласувањето на независноста на Косово, во Собранието беше ратификуван Уставот на државата, кој стапи во сила на 15 јуни истата година