Учителите во Полска денеска го продолжија штрајкот, поради кој неколку илјади училишта се затворени, а Владата им понуди на синдикатите директни разговори.
Владата соопшти дека е подготвена веднаш да ја потпише понудата што ја предложи претходно, која синдикатите ја одбија како незадоволителна.
Во Полска од денеска почнаа испити во средните училишта, но поради штрајкот директорите се принудени да побараат помош од пензионираните и верските учители и од оние кои не стапија во штрајк.
Учителите во Полска вчера стапија во штрајк со барање да им се зголемат платите, бидејќи разговорите со Владата пропаднаа.
Штрајкот во училиштата и градинките почна без да се наведе колку ќе трае.
Тоа е прв штрајк од таков вид во Полска од 1993 година.
Повеќето училишта се затворени, откако во неделата пропаднаа разговорите на синдикатите и Владата. Единствено помалиот синдикат „Солидарност” ги прифати владините предлози и неговите членови не штрајкуваат.
Штрајкот се одвива во пресрет на клучните испити во основните и средните училишта и неколку недели пред изборите за Европскиот парламент, кои се многу важни за полската Влада.