Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска во Мостар изјави дека е многу важно сите да го почитуваат територијалниот интегритет на Србија, бидејќи и Србија го почитува територијалниот интегритет на сите други.
– Ако ме прашате што размислува Србија за промена на границите на Балканот, ќе ви кажан дека веруваме оти е многу важно сите да го почитуваат територијалниот интегритет на Србија, бидејќи и Србија исто така го почитува територијалниот интегритет на сите други. Така беше, се надевам дека така и ќе остане, изјави Вучиќ во Мостар, каде престојува на Меѓународниот саем на стопанството.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, Вучиќ со ваквиот став ја прокоментира изјавата на претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик за „прецртување на границите во регионот”.
– Затоа ги сметам несоодветни изјавите на некои политичари во БиХ кои го кршеа територијалниот интегритет на Србија, верувајќи дека е можно само Србија да биде оштетена. Мислам дека ова е лоша порака и дека никој, ниту на какво било начин не треба да крши ниту еден територијален интегритет, рече Вучиќ.
Говорејќи за односот на Србија кон БиХ, Хрватска, Црна Гора и Северна Македонија, тој истакна дека Србија „нема никакви претензии, желби, ниту што било слично”.
– Што се однесува до соработката со Милорад Додик, како претседавач на Претседателството на БиХ и до неодамна претседател на Република Српска, нашата соработка е во интерес на Република Српска, БиХ и Србија, и отсекогаш била добра, оцени Вучиќ.