Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш ја осуди ескалацијата на насилството околу главниот либиски град Триполи и повика на итно запирање на борбите.
Тој наведе дека не постои воено решение за судирот во Либија.
Генералниот секретар на ОН ги повика сите страни веднаш да се вклучат во дијалогот за да се најде политичко решение на кризата.
Вооружените сили предводени од генерал Халифа Хафтар, кој го контролира источниот дел на Либија, во четвртокот почнаа офанзива кон Триполи.
Единиците кои ја поддржуваат меѓународно признаената Влада на Либија со седиште во Триполи ветија дека ќе ги заземат сите области окупирани од Либиската национална армија (ЛНА) на Хафтар.
Според податоците од двете страни, од четвртокот загинале најмалку 41 лице.