Шефот на дипломатијата Никола Димитров денеска и утре ќе престојува во работна посета на Берлин, на разговори со германски претставници за напредокот на земјава во евроинтеграциите.
На вториот од ден од посетата, како што соопшти МНР, на Димитров ќе му се приклучи и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, при што планиран е заеднички брифинг пред парламентарната Комисија за европски прашања во Бундестагот, на која ќе го презентираат напредокот и подготвеноста на земјата за почеток на пристапните преговори со Европската унија, во пресрет на јунскиот Совет на ЕУ.
Димитров се очекува денеска да оствари средби со пратеници во германскиот Бундестаг, меѓу кои и со работната група за надворешна политика на ЦДУ/ЦСУ, како и со претставници на Канцеларијата на германската канцеларка Ангела Меркел.
Предвидени се и средби со министерот за Европа, Михаил Рот и новата лидерка на ЦДУ/ЦСУ, Анегрет Крамп-Каренбауер.