Лацио минатата недела со голот во 95-та минута кој го постигна Лулиќ се спаси од пораз од екипата на Сасуоло.
Некои италијански медиуми тврдеа дека пеналот со кој Лацио поведе на натпреварот бил досуден малку престрого, а тоа ги налути Лацијалите кои преку својот портпарол Артур Диаконале, ги нападнаа медиумите, но и градскиот ривал Рома.
„Да се каже дека тоа не било пенал е чиста шпекулација. Мораме да прифатиме дека постојат медиуми на северот на Италија кои ја користат секоја прилика за да го оцрнат Лацио. Тие сакаат да ни го отежнат патот, посебно сега во пресрет на натпреварите против Милан во Серија А и Купот на Италија“, изјави Диаконале и додаде:
„Овој медиумски став создава психоза кој се заканува да ја наруши атмосферата. Медиумите мора да бидат независни и автономни. Пеналот едноставно мораше да биде досуден, не поради субјективноста на судијата, туку поради тоа што правилата го налагаа тоа. За жал, имаме медиуми кои исто така се под влијание на другиот клуб од главниот град“, порача Диаконале.