Министерот задолжен за дијаспора Едмонд Адеми, во рамки на последниот ден од работната посета на Италија и Ватикан, денеска оствари билатерални средби со претседателката на Комисијата за надворешни работи во италијанскиот Парламент Марта Гранде и директорот на Генералниот директорат за италијански граѓани во странство и политиките за миграција, Луиџи Мариа Вињнали во италијанското Министерството за надворешни работи.
Адеми, како што информираат од неговиот кабинет, на средбата со Луиџи Мариа Вињали разговарале за можностите за унапрдување на билатералната соработка во сите области од заемен интерес, унапредувањето на положбата на нашата дијаспора и нивна инклузивност во економскиот, политичкиот, социјалниот и културниот живот во Италија, а биле разменети и искуства за моделите на институционалната соработка со дијаспората.
На средбата, се вели во соопштението, било посочено дека како Република Северна Македонија така и Италија имаат значителна дијаспора која е важен политички, општествен, економски и културен сегмент за двете држави.
Адеми, на средбата со Марта Гранде и други членови на комисијата за надворешни работи, разговарале за актуелните политички цели на Влада на Република Северна Македонија и Италија, со акцент на ЕУ и НАТО интеграција на нашата држава и важноста на поддршката на Италија во овој процес.
Од комисијата, се вели во соопштението, информирале дека на 4 април ја одобриле ратификацијата на протоколот за членство на нашата држава во НАТО, и истата сега е во понатамошна процедура во другите комисии на парламентот.
Адеми, како што информираат од неговиот Кабинет, ги запознал соговорниците со последните постигнувања на Владата на Република Северна Македонија во насока на изградба на праведно и инклузивно општество, со акцент на надворешно политичките приоритети, споделувајќи ја нашата посветеност и решителност за постигнување на решавачки исчекор во процесот на НАТО и ЕУ интеграција, преку финализирање и затворање на процесот за спроведување на Конечната спогодба со Грција.
Од страна на соговорниците била изразена поддршка за новата реформска влада и охрабрување во однос на итните реформи. Посочија дека Договорот од Преспа е соодветен пример за надминување на конфликтни ситуации, не само во регионот туку и пошироко и била истакната поддршката на Италија за интегративните преспективи на Република Северна Македонија.