Предвремените претседателски избори во Казахстан ќе се одржат на 9 јуни, соопшти денеска Касим Жомарт Токаев, в.д. претседател на таа земја.
Ројтерс наведува дека Токаев е во добра позиција да продолжи да владее со таа централноазиска држава богата со нафта и дека овој потег им остава малку време на другите потенцијални кандидати да ја организираат и спроведат кампањата.
Токаев (65) ја објави одлуката за одржување вонредни претседателски избори во телевизиско обраќање.
Токаев ја презеде функцијата претседател на Казахстан на 20 март, по неочекуваната оставка на долгогодишниот претседател на државата Нурсултан Назарбаев.
Нурсултан Назарбаев (78) поднесе оставка по 30 години на власт.
Токаев рече дека ќе продолжи да го води Казахстан според курсот поставен од Назарбаев и дека ќе се консултира со него за клучните политички прашања.