-Татковината е неразделна од нациите. Честопати се навраќам на зборовите на Бернард Шо – се може да смените, може да ја смените идеологијата, може да ја смените облеката, поведението, ама татковината никогаш, истакна Силјановска-Давкова, кандидат за претседател од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, вечерва на митинг во Гостивар.
Зборувајќи за важноста на претседателската функција, која според неа не е церемонијална, Силјановска-Давкова го најави нејзиниот ангажман доколку биде избрана.
– Како идна претседателка на државата секогаш и секаде ќе инсистирам на компетентност. Тоа го мислам на именување на двајцата судии во Уставниот суд, во Советот за безбедност да именувам тројца врвни експерти од областа на безбедноста и да го користам инструментот обраќање пред Собранието. Тој инструмент ќе го користам почесто, а не само еднаш во годината и ќе зборувам за проблемите на граѓаните, рече таа.
Го критикуваше неинтонирањето на химната при посетата на премиерот на Грција Алексис Ципрас, што спред неа не било техничка пречка, туку, како што рече, актуелната власт не сакала да му направи проблеми на гостинот.
– Да се излезе на избори во поголем број, бидејќи на тој начин ќе се спречи избор на претседател според нивни терк, нагласи Силјановска-Давкова.
На собирот во Домот на културата „АСНОМ” се обрати и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најавувајќи победа на престојните претседателски избори.
Рече дека по 5 мај ќе следуваат и вонредни парламентарни избори и го побара гласот за поддршка на кандидатката за претседател од гостиварци, посочувајќи дека имаат програма од триста страници.
– Ве молам од дното на душата, да не направиме нешто за што потоа ќе ни биде криво. Поддржете нé, дајте ни шанса да ја смениме оваа реалност во Република Македонија. Дајте ни шанса за да може ВМРО-ДПМНЕ да ја презентира досега најобемата програма и планот за развој на државата, каде има план како да си го вратиме македонизмот. Дајте ни шанса и заеднички со останите заедници во државата да го сонуваме овој сон, рече Мицкоски.