Промената на името со вештачки насадена придавка не е конечно решение како што вели власта, се додека постојат Уставниот суд, Обединетите нации и други институции кои се потпираат на правото, порача вечерва кандидатот за претседател од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Гордана Силјановска Давкова од Тетово.
– Кога нема правен темел не може мирно да заживее тој договор затоа што претставува промена која нема перцепција на право, а нема ниту разум, ниту е прифатена од срце, потенцира таа пред тетовци.
Силјановска Давкова смета дека Законот за јазици како противуставен ќе направи повеќе проблеми во секојдневието. Таа смета дека ќе има парализа во судството, институциите, фирмите.
Таа објасни дека со Законот за употреба на јазици ќе се создаде хаос во институциите, претпријатијата, факултетите. Додаде дека не критикува од националистички причини туку критикува врз база на правото.
– Знам што најмногу го тишти Тетово, јас не сум националист. Јас сум човек роден во турска куќа, човек кој одраснал со побратими не може да биде националист. Меѓутоа не можам, а да не кажам дека јазикот е најважниот код за комуникација, особено во мултикултурно, мултиетничко општество. Не може да се разбираме преку преведувачи. Да, Конески велеше дека јазикот е татковина, ама ние знаеме колкупати кога сме биле изгубени во преводот, не сме знаеле што навистина било предмет на разговорот, истакна Силјановска Давкова.
Нагласи дека се потребни суштински промени, прво на претседателските избори, а потоа на парламентарните предвремени избори.
Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски побара поддршка за Силјановска Давкова со цел да биде победен „заевизмот”. Му порача на Зоран Заев дека е неправда да ветува и да гради кариера на најави, а потоа ништо од тоа да не исполни.