„Прв те дочекав на оваа сцена и те испратив од оваа сцена прв. Билјана ти никогаш нема да бидеш во минато време, туку во сегашно време. Оние кои те познаваат, знаат дека ти си голем човек со големо срце. Ти никогаш не глумеше на сцената, ти живееше овде. Бескрајно талентирана, ѕвер од човек. Многу те сакаме сите. И кога не беше на некои претстави, постојано те споменувавме, рече Дејан Лилиќ на комеморацијата за Беличанец што се одржува во Драмскиот театар на која присуствуваа нејзини колеги и членови од семејството.
Отсекогаш сум велел дека овој театар има духови кои ни ја даваат енергијата кога ни е најтешко. Аурата на Драмски театар се збогати со уште еден дух кој ќе биде тука до нас, рече Драган Спасов-Дац.
„Не остави збунети и во болка, не остави да замислуваме што уште можеше да направиш овде. Ти едноставно на сцената беше Билјана Беличанец. Ти на оваа сцената беше мојата Сара, Цвета,Сузана, Билјана Беличанец. Лука и Мона да се гордеете со мајка ви оти имате силна причина за тоа“, рече Дац.
Фото: Слободан Ѓуриќ