По информацијата дека дел од осудените за „27 Април“ побарале амнестија од претседателот Ѓорге Иванов во медиумите се отвори расправија дали претседателот може или не може да ги аболицира осудениците. Професорот Јове Кекеновски од „ВМРО-ДПМНЕ Демократска фракција“ за 24 Инфо вели дека Законот за помилување е многу јасен и дециден.
–Законот за помилување е донесен од Собранието на Република Македонија на 25 март 1993 година, а објавен е во „Службен весник на Република Македонија” број 20 од о2 април 1993 година. Измени и дополнувања на законот објавени се во „Службен весник на Република Македонија” број 12 од 28 јануари 2009 година како и во „Службен весник на Република Македонија” број 12 од 28 јануари 2009 година бр. 99 од 20.05. 2016 година.Истиот е мошне јасен и дециден и не ми е јасно како може некој при очи у здрава свест да се прави недоветен и да го толкува Законот онака како нему му одговара. Сакам да напоменам дека постапката за помилување се поведува по молба на осуденото лице или по службена должност, која пак ја поведува министерот за правда, вели Кекеновски.
Според него, треба да се направи разлика помеѓу постапка за помилување за ослободување од кривично гонење и постапка за помилување по правосилност на пресудата. Првата постапка или постапка за помилување за ослободување од кривично гонење се поведува само по службена должност и може да се поведе во секој стадиум на кривичната постапка и истата ја поведува министерот за правда.
-Инаку молбата за помилување се поднесува до претседателот на Република Македонија, преку судот што ја изрекол пресудата во прв степен (член 5 став1). Во постапката за помилување судот и другите надлежни органи можат да собираат податоци и изветувања потребни за решавање по молбата и од други органи и институции. Судот пред да ја достави молбата за помилување до Министерството за правда ги проверува фактите и околностите важни за решавање, на кои се повикува подносителот во молбата и извештајот за тоа го приложува кон молбата. Судот е должен молбата за помилување веднаш да ја земе во постапување и најдоцна во рок од 30 дена од приемот да ја достави до Министерството за правда со сите списи (Член 8), вели професорот.
Министерот за правда по приемот ја разгледува молбата и другите списи и заедно со својот предлог во рок од 30 дена ја доставува до претседателот на РепубликаМакедонија (Член 9). Согласно Член 5–а од Законот за помилување Претседателот на Република Македонија со одлука формира Комисија за помилување и го определува составот и бројот на членовите на Комисијата која донесува деловник за начинот на нејзината работа.
-Комисијата за помилување при подготвување на предлозите ги има предвид следните критериуми: природата, видот и тежината на извршеното кривично дело, личноста на осудениот и неговиот поранешен живот, поведението на осуденото лице по осудата и за време на издржувањето на казната, односот спрема извршеното кривично дело, поранешната осудуваност, постигнатиот степен на ресоцијализација, возраста и здравствената сосотојба на осудениот и неговите семејни прилики и влијанието на актот за помилување врз средината од каде што потекнува осудениот и средината каде што го извршил кривичното дело. Инаку сакам да напоменам дека Членот 11 од Законот од 1993 година е избришан со Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување објавен во”Службен весник на Република Македонија” број 12 од 28 јануари 2009 година а истиот гласеше: ,,Претседателот на Републиката по исклучок може да дава помилување и без спроведување на постапка за помилување пропишана со овој закон кога е тоа од интерес за Републиката, или кога посебни околности што се однесуваат на личноста и на кривичното дело укажуваат дека е тоа оправдано”. И на крајот кога се работи за помилување Претседателот на Републиката мора да го има во предвид и член 1 став 3 кој се однесува на кривичните дела за кои не може да се даде помилување, вели Кекеновски.