Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски присуствуваше на годишното собрание на Националната федерација на фармери. Николовски во своето обраќање ги презентираше мерките од новите Програми за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, како и идните политики на кои ќе работи министерството.
Воедно, посочи дека отворената комуникација и директните средби со земјоделците и земјоделските здруженија се важни за креирање на соодветни мерки за развој на земјоделството и нивна ефикасна имплементација. Националната федерација на фармери како економско-социјален партнер на МЗШВ е член на потсекторските групи во рамки на МЗШВ и како таква активно учествува во подготвка на годишните програми и политиките за развој на земјоделството.
„Земјоделството е значаен сектор за македонската економија, учествува со околу 10 отсто во бруто-домашниот производ и со голем процент на ангажираност на работна сила, но се соочува со сериозни предизвици, поради што посветено работиме на вклучување на сите чинители заради креирање на соодветни политики. Се надевам дека во рамки на потсекторските групи во склоп на МЗШВ заедно со социјално –економските партнери и со професорите ќе креираме соодвтени мерки и стартегии за развој на земјоделството. Имаме уште многу работа, ова е само почеток, и ова е само трасирање на патот на стабилизирање на земјоделството. Пред нас е макотрпна заедничка работа која што сум убеден дека во периодот што следи ќе даде позитивни показатели и дека земјоделството ќе биде стожер на нашата економија“, изјави министерот Николовски.
Тој додаде дека се преземаат активности во делот на изградба на откупно-дистрибутивни центри на кои заеднички се работи со Факулетот за земјоделски науки и храна.Во текот на месец мај факултетот ќе ја презентира стратегијата за откупно- дистрибутивните центри која ќе даде точни податоци во кој регион што треба да се прави во однос на откупните центри. До крајот на годината Светска банка ќе обезбеди 20 милиони евра исто така за проектите за откупно – дистрибутивни центри. Овие активности како што потенцираше Николовски се важни за обезбедување на сигурен пласман на земјоделските производи и решавање на вишоците на производи.