Џејк Орта, 50-годишен поранешен ветеран, кој по 12 години служба во американската војска останал бездомник, денес за живот заработува со „копање“ по отпадот на неговиот сосед милијардер во Сан Франциско, објави „Њујорк тајмс“.
Правосмукалка, фен и апарат за кафе, сите во функционална состојба, како и облека се само дел од работите кои неодамна Орта ги извадил од кантите на шефот на „Фејсбук“, Марк Закерберг. Со Орта во оваа ноќна потрага бил и новинар од „Њујорк тајмс“.
Орта, кој живее во социјален стан, е дел од сивата економија на Сан Франциско создадена од луѓе кои работат на улиците во мултимилионските елитни предградија, пребарувајќи секакви предмети по кантите за отпад кои можат да ги препродадат.
Пребарувачите по отпад се обележје на американскиот капитализам и секојдневие во Сан Франциско во кој еден од најбогатите луѓе во светот, Закерберг, и Орта, човек кој го препродава неговиот отпад, живеат на неколку чекори оддалеченост.
„Мене едноставно ме фасцинира кога гледам што фрлаат луѓето. Никогаш не знаеш што ќе најдеш“, му раскажал Орта на репортерот на „Њујорк тајмс“ кој го следел во една од неговите ноќни потраги. Таа ноќ Орта нашол речиси нови дизајнерски обувки, нова црна јакна, сиви „Најк“ патики за трчање и пумпа за велосипедски гуми.
Негова цел е дневно да заработи од 30 до 40 долари, што значи неделно околу 300 долари кои му се доволни да преживее.
Собирањето отпад во Калифорнија е нелегално затоа што според тамошниот закон содржината на кантата за отпад ѝ припаѓа на компанијата за собирање отпад. Но во пракса законот ретко се почитува, па Орта и уште неколку стотина собирачи и препродавачи на отпад, колку што се проценува дека ги има во Сан Францико, секојдневно „копаат“ по кантите.
Орта во кантите за отпад неодамна има најдено ајпади, три рачни часовници и кеса марихуана. Сепак, омилената работа која Орта ја нашол во канда за отпад никогаш не ја продал. Станува збор за колекција весници од целиот свет од периодот на Втората светска војна.