МАНУ денеска сo свечен собир одбележа 110 години од раѓањето на академик Харалампие Поленаковиќ (1909-1984), кој е меѓу основачите на Академијата во 1967 кога бил нејзин потпретседател. Бил долгогодишен професор на Филолошкиот факултет во Скопје и основоположник на проучувањето на историјата на македонскиот јазик и литература.
Отворајќи го собирот, претседателот на МАНУ Таки Фити истакна дека се работи за еминентен автор во проучувањето на јазикот и фолклорот, универзитетски професор со огромен научен опус и иницијатор за основање на неколку институции – Друштвото за македонски јазик, Институтот за македонски јазик и Семинарот за македонски јазик, литература и култура.
-Поленаковиќ ги заора првите бразди во историјата на македонската литература и во тоа е неговиот голем придонес, рече Фити.
Заедно со претседателот на МАНУ Блаже Конески и секретарот Ѓорѓи Филиповски, Поленаковиќ бил во Извршниот одбор кој на 9 октомври 1967 ја почнал работата на Академијата и кој се соочил со тешки задачи и предизвици.
Претседателот на МАНУ потсети дека семејството на Поленаковиќ во 2012 на МАНУ му ја подарил библиотеката на академикот во која има ретки книги, меѓу кои и Рациновата „Бели мугри” од 1939, книги на Венко Марковски и Славко Јаневски, а најстарата книга во легатот е од 1829 година. Покрај нив, има и и статии и трудови на Поленаковиќ, кој е автор на повеќе од илјада библиографски единици.
Академик Витомир Митевски на собирот посочи дека напомнувањето дека дело на Поленаковиќ има пионерски карактер може да остави простор дека се работи за почетнички и скромни обиди и, како што рече, неправедно да ја поедностави сликата за неговиот научен труд.
Нагласи дека Поленаковиќ имал развиена и сложена методологија, продлабочени анализи и компаративни приоди, што далеку ги надминува тесните граници на фактографијата. Притоа наведе пример како Поленаковиќ го следел патот и генезата на народната песна „Билјана платно белеше” – анализирал 25 нејзини верзии истражувајќи ја автентичноста на песната, хронологијата на појавувањето и просторната распространетост на мотивите.
На собирот по повод годишнината од раѓањето на Харалампие Поленаковиќ обраќања имаа и академиците Влада Урошевиќ, Зузана Тополињска и Катица Ќулавкова.