Бертолини: Најголем проблем за невладиниот сектор е обезбедувањето постојано финансирање 

Најголем проблем за невладиниот сектор е неможноста да се обезбеди постојано финансирање, затоа што невладините организации зависат од буџетот на донаторите. Работиме на тоа да се изнајде решение, со тоа што и на централно и на локално ниво, властите да бидат вклучени во кофинансирање и на тој начин да се надмине тој проблем.

Ова го изјави денеска во Кавадарци, Никола Бертолини, раководител за соработка при делегацијата на Европската Унија.

Тој информираше дека над 75 милиони евра се искористени од 2007 година досега од европски фондови во Вардарски регион, при што многу проекти се реализирани, но има можности за многу повеќе.

-Кавадарци е општина во која, пред се, населението се занимава со земјоделско производство и туризам и има проекти во таа насока. Очекуваме тие проекти да се подобрат и да ги има многу повеќе во иднина. Цело време како најголем приоритет ја нагласуваме и и даваме акцент на заштитата на животната средина, нејзиното чистење. Во таа насока, ќе бидат поддржани голем број проекти, нагласи Бертолини, по работилницата за механизмите на финансиска поддршка на ЕУ.

Целта на овој тип работилници, додаде, е, приближување до граѓаните и општините, бизнис секторот и да бидат опфатени интересите на сите.

-Собравме информации за потребите на населението од европски проекти. Разговаравме и со градоначалникот Митко Јанчев. Битно е да ги вклучиме и општините, да се обезбеди по едно лице за и понатаму да се информира околу сите можности за искористување на европски фондови, рече Бертолини.

Присутните, претставници од неколку општини од регионот, се запознаа со сите видови програми кои што можат да се користат, а се финансирани од европски фондови.

Треба да знаете
Последни објави