Унгарија нема да го промени законот за меѓународни универзитети

Унгарија нема да ги промени правилата за меѓународни универзитети и покрај притисокот од Европската унија и понудата на Германија да посредува во несогласувањето околу колеџот основан од американскиот милијардер Џорџ Сорос, во средата изјави портпаролот на унгарската влада.

Премиерот Виктор Орбан, националист кој честопати доаѓа во судир со Европската унија, беше обвинет за ограничување на академските слободи со своите нови правила за високото образование, за коишто Централно-европскиот универзитет тврди дека го принудиле да излезе од земјата.

„Нема промени во нашите ставови“, изјави портпаролот на владата, Золтан Ковач. „Нема да ги смениме законите и прописите со кои се регулира високото образование во Унгарија. Сè уште работиме на таа основа“.

Централно-европскиот универзитет, формиран од Сорос, од септември ќе пресели дел од своето работење во Австрија, поради правилата кои му забрануваат да издава американски дипломи.

Спорот, за кој често се смета дека е резултат на несогласувањата меѓу Сорос и Орбан во поглед на миграцијата, е едно од главните прашања што ја натера Европската народна партија да ја суспендира партијата на Орбан пред изборите на Европскиот парламент.

Владата на Баварија и Техничкиот универзитет од Минхен ја понудија својата помош, нудејќи три нови професорски места и нови студиски програми за подобрување на студиите на ЦЕУ, со што на универзитето би му се овозможило да издава меѓународни дипломи.

Балаз Орбан, државен секретар во кабинетот на премиерот, рече дека владата е подготвена да ја разгледа можноста за издавање на дипломи признаени во САД и Германија, како и во Унгарија.

Но, тој повторно истакна дека сите универзитети мора да се придржуваат кон унгарскиот закон, а Ковач, исто така, стави до знаење дека понудата на Баварија, иако добредојдена, нема да доведе до законски измени.

Треба да знаете
Последни објави