Јапонскиот цар Акихито и царицата Мишико денес ја прославуваат својата дијамантска, 60-годишнина од бракот, кој помогна во модернизацијата на монархијата стара 1.500 години.
„Шеесет години на голема меѓусебна поддршка”, напиша бизнис-весникот „Никеи“ во текстот за нивниот брак, со фотографија на Мишико (84), која мирно му помага на Акихито кога тој ги измешал страниците на својот говор на неодамнешната церемонија.
Тие се сретнаа во 1957 година на тениски турнир, а се венчаа во 1959 година, со што стана првиот иден јапонски император кој се оженил со жена која немала благородничко потекло, плус Мишико имала католичко образование.
Нивниот брак поттикна надеж дека Мишико, темпераментна ќерка на богат бизнисмен, ќе го модернизира јапонскиот двор цврсто врзан за традицијата, потсетува „Ројтерс“.
На многу начини Мишико едноставно го стори тоа. Таа сама ги подигнала своите два сина и ќерка, ги поучувала дури и да ја пакуваат ужинката за на училиште. Дотогаш, традиционално, децата на монархот беа воспитувани од дадилки и слуги.
Таа исто така презема водечка улога во јавниот контакт со обичните луѓе, вклучувајќи и постари лица, лицата со хендикеп и жртвите на катастрофи, често наведнувајќи се и клекнувајќи за да ги прегрне и да разговара со луѓето. Овие потези ги шокираа конзервативците, но придонесоа за нејзината популарност во пошироката јавност, објави агенцијата.
Царот Акихито (85) ќе абдицира на 30 април и следниот ден ќе го предаде престолот на неговиот постар син, принцот Нарухито.
Во август 2016 година, тој изрази желба да абдицира поради возраста. Јапонскиот парламент го усвои новиот закон со кој се дозволува царот да абдицира во корист на својот син.