Во Ликовниот салон на МАНУ утревечер од 20 часот ќе биде отворена изложба на околу 80 оригинални дела од 17 уметници од 20 век членови на Академијата на науките и уметностите на Босна и Херцеговина.
До 22 април ќе бидат претставени дела на најстарата генерација автори кои се школувале меѓу двете светски војни – Исмет Мујезиновиќ; Војо Димитријевиќ; Иво Шеремет и Мица Тодоровиќ; и со по едно или повеќе дела ќе бидат застапени и Антун Аугустинчиќ; Недељко Гвозденовиќ; Божидар Јакац; Бошко Куќански; Џевад Хозо; Бекир Мисирлиќ; Афан Рамиќ; Петар Перица Видиќ; Мехмед Заимовиќ; Слободан Брацо Димитријевиќ; Фрањо Ликар; Сафет Зец и Јагода Буиќ.
Делата се сопственост на Уметничката галерија на Босна и Херцеговина која изложбата ја организира во партнерство со нивната Академија, а авторка на поставката во МАНУ е Аида Абаџиќ-Хоџиќ.
Директорот на Уметничката галерија на БиХ Страјо Крсмановиќ на прес-конференција во МАНУ денеска рече дека се горди што чуваат наследство од големи имиња ликовни уметници, од кои дел ќе бидат претставени и на оваа изложба. Нивната галерија поседува околу 6.500 експонати, од кои околу 4.000 се штафелајно сликарство.
-Горди сме и на фактот дека академиите на двете земји остваруваат пријателска соработка. Таа ќе се продлабочи со возвратна изложба на уметници членови на МАНУ во октомври во Сараево, рече Крсмановиќ.
Посочи дека нема некоја основна естетска линија како критериум при изборот на делата на изложбата, туку дека таа ги претставува најдобрите автори и нивните репрезентативни и, како што рече, антологиски дела.
Секретарот на Одделението за уметност во МАНУ, академик Газанфер Бајрам, кој се школувал во Белград, на прес-конференцијата рече дека припаѓа на генерацијата уметници кои своето образование го стекнале на една од трите академии кои во тоа време постоеле во СФРЈ.
-На повеќето од овие автори им се восхитувавме, од некои и учевме и затоа е оваа изложба толку значајна. Се надевам дека ќе се отвори просторот кој по распадот на поранешната држава се затвори и дека ова ќе биде прозорец кон уметноста што беше заборавена, истакна академик Бајрам