ЛШ: Роналдо во потрага по уште еден трофеј, Меси фаворит против Јунајтед

Вчерашните натпревари донесоа две победи за домашните тимови, но денеска домаќините ќе имаат значително потешка задача во обидот да обезбедат добар резултат во пресрет на реваншот од четвртфиналето на Лигата на шампионите.

 

Како што стојат работите, изгледа дека Кристијано Роналдо ќе биде стартер на натпреварот против Ајакс, во двомечот каде неговиот Јувентус е силен фаворит.

На стадионот „Јохан Кројф“ во Амстердам, вечерва од 21:00 ќе се одигра првиот натпревар од двомечот помеѓу Ајакс и Јувентус. Италијанскиот тим е силен фаворит, а составот ќе биде засилен и со присуството на Кристијано Роналдо, кој ги пропушти последните два натпревари поради повреда.

Масимилијано Алегри ќе се обиде да го надмудри холандскиот стручњак Ерик тен Хаг, кој сезонава беспрекорно го води тимот на Ајакс. Двајцата тренери ќе имаат мали проблеми со повредени играчи – Алегри не може да смета на Кјелини, Касерес, Даглас Коста, Хуан Квадрадо и Емре Чан, додека тен Хаг ќе мора да се снаоѓа без стартниот десен бек, Нусаир Мазрауи.

Во Англија силите ќе ги одмерат Манчестер Јунајтед и Барселона. Со оглед на формата во која се наоѓа Лионел Меси, малкумина би помислиле дека Јунајтед има макар мали, теоретски шанси за прогрес во полуфиналето. Но, англискиот тим покажа дека има победнички карактер и не се плаши од надигрување со силни екипи.

Како и обично во текот на овие две сезони, во тимот на Барселона ќе недостасува Рафиња, а веројатно мечот ќе го пропушти и Томас Вермален. Оле Гунар Солскјер нема да може да смета на Матео Дармијан, Антонио Валенсија и Алексис Санчез, но тие тројца и онака не се во плановите на Норвежанецот уште од поодамна.

Почетокот на двата натпревари е во 21:00 часот.

Треба да знаете
Последни објави