Воен пуч во Судан, претседателот уапсен

Суданската војска го симна од власт претседателот Омар Башир, пренесе весникот „Ел хадат“. Некои медиуми објавија дека Башир е уапсен.

Либанската телевизија „Мајадин“ објави дека Вооружените сили на Судан одлучиле да го симнат од власт претседателот од сите позиции и да ја распуштат владата. Весникот „Хадат“ објави дека Омар Башир поднел оставка.

Агенцијата „Ројтерс“, повикувајќи се на државната суданска телевизија, пренесе дека суданската армија наскоро ќе објави важно оопштение.

Телевизијата навела дека војската ќе соопшти дека ќе се формира воен совет кој ќе управува со државата во текот на преодниот период. Исто така се додава дека тој период би можел да трае една година.

Суданскиот весник „Судан трибјун“ известува дека во Картум се одржува вонредна седница на Генералштабот на Вооружените сили на земјата без учество на Башир. Војската, исто така, ја презела контролата над државната телевизија на која се емитуваат воени маршеви и најава дека војската ќе објави важно соопштение.

Во Судан веќе четири месеци се одржуваат протести кои почнаа со барањето за намалување на цената на лебот, но постепено се претворија во протести на кои се бара смена на политичкиот режим на Омар Башир, кој е на власт 30 години. На протестите се убиени околу 60 демонстранти, стотина се повредени, а неколку илјади се уапсени.

Треба да знаете
Последни објави