Двајца Кинези, Бугарин, кумановец и цариник криумчареле стаклена јагула

Двајца државјани на Кина, еден Бугарин, жител на кумановското село Режановце и  жител од Крива Паланка, вработен во Царинската управа, формирале злосторничко здружение и криумчареле  60 килограми на подмладок од стаклена јагула, редок подмладок на јагулите и претставува загрозен вид во Европа.

Стаклената јагула која е проценета на вредност од 90.000 до 120.000 евра, била спакувана во 42 најлонски кеси со компресирен кислород кои ги сместиле во седум големи патни торби.

СВР Куманово поднесе кривична пријава против Л.Х.(44) од  Народна Република Кина, со живеалиште Кралство Шпанија, В.В.М.(54) од Република Бугарија, Ј.П.(38) од  Народна Република Кина, со живеалиште во Софија, Бугарија, против С.П.(41) од кумановското село Режановце, и против И.А.(44) од Крива Паланка и цариник на ГП  „Деве Баир“ поради постоење основи на сомнение дека Л.Х. сторил кривично дело криумчарење, во врска  со кривичното дело злосторничко здружување, дека В.В.М., Ј.П. и С.П. ги сториле кривичните дела криумчарење во врска со кривично дело злосторничко здружување и дека И.А. го сторил кривичното дело криумчарење во врска со кривично дело злосторничко здружување.

Истрагата утврдила дека Л.Х. формирал криминална група за криумчарење на недозволени стоки и противправно набавил поголема количина стаклена јагула, која е редок подмладок на јагулите и претставува загрозен вид во Европа. Tранспортот на стаклената  јагула требало да се изврши на релација Софија – Меѓународен аеродром Скопје до Куала Лумпур, Малезија, каде што како купувач се појавува лице по име С.Н. од Малезија.

Л.Х. набавил 60 килограми на подмладок од стаклена јагула во вредност од 90.000 до 120.000 евра спакувана во 42 најлонски кеси со компресирен кислород кои ги сместиле во седум големи патни торби. J.П. набавил парични средства во кеш во износ од 10.000 евра во противредност на бугарски левови, по што на 03.04.2019 година Л.Х., В.В.М. и Ј.П. ги натовариле патните торби со стаклена јагула во комбе „Мерцедес“ со бугарска национална ознака. Откако обезбедиле авионска карта за патување за В.В.М. на релација Скопје-Истанбул-Куала Лумпур, заминале за Скопје. На граничниот премин „Деве Баир“ ги чекал С.П., кој имал задача да обезбеди непречин премин при царинска контрола на македонска страна. По пристигнување на царинска контрола кај И.А., тој без задржување ги пуштил да го напуштат граничниот премин без царинска контрола на багажот.

Подоцна, на магистралниот пат Деве Баир-Крива Паланка-Куманово нивното возило било запрено од полициската патрола. При прегледот на возилото биле пронајдени седумте куфери со стаклена јагула, по што лицата биле приведени во СВР Куманово.

 

Треба да знаете
Последни објави