Заев: Новата ера на дигитална Царина е наша остварлива цел

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, придружуван од заменик-министерката за финансии Ширет Елези и директорот на Царинската управа на РСМ, Ѓоко Танасовски, денеска учествуваше и се обрати на настан организиран по повод одбележување на Денот на царината и 27 години од постоење на Царинската управа на Република Северна Македонија.

Во прилог ви го пренесуваме во целост обраќањето на премиерот Заев.

„Денеска го одбележуваме 14ти април – Денот на царината и 27 години од постоење на Царинската управа на Република Северна Македонија.

Од неколку причини одбележувањето на овој ден е значаен за нашата држава и за граѓаните.

Царинската управа и царинските работници се првиот контакт со нашата земја – тие се лицето на Република Северна Македонија.

Царинското работење е поттик и важен предуслов за унапредување на меѓународната трговија на нашата земја.

Како резултат на посветено и чесно работење Царинската управа се покажа како сериозен и еден од најголемите учесници во полнењето на приходни приливи во Буџетот на нашата држава.

Овие факти сами по себе зборуваат колку значајна е улогата на Царинската Управа во креирањето на економскиот амбиент во државата.

Република Северна Македонија и регионот се соочуваат со предизвик на голем раст на бројот на патници и обем на стока во услови кога има технологија која го менува економското окружување каде делува Царинската управа.

Владата на Република Северна Македонија во креирањето политики ги зема предвид предизвиците како да обезбеди брзо и непречено преку-гранично движење на стоки, патници и транспортни средства.

Царинската управа, заедно со останатите гранични агенции има исклучително важна улога во олеснувањето на трговијата и на патувањата, преку поедноставени, стандардизирани и хармонизирани гранични постапки.

Од овие причини, се јавува потребата – царината да има водечка улога во консолидирањето и понатамошното поедноставување на тековните активности за олеснување и поедноставување на движењето на стоките и патниците преку границите.

На тој начин можат да се потврдат и продолжат значително подобрените добрососедски односи. Токму од тие причини Владата сериозно работи на концептот на заеднички контроли со едно застанување – One stop shop – што треба значително да го подобри и олесни животот на граѓаните и на сите деловни субјекти од двете страни на границата.

Во концептот за модернизирано царинско работење (Smart Borders) е потенцирана улогата на царината како еден од главните поддржувачи на Агендата 2030 на Обединетите нации за одржлив развој.

Преку создавање на фер услови за сите учесници во царинската постапка преку поедноставени, стандардизирани и хармонизирани постапки, треба да се обезбеди навремена испорака на сите суровини за индустријата, да се намали нефер конкуренцијата во локалните заедници, да се отворат можности за маргинализираните заедници и пристап до нови пазари. Царината треба да создаде транспарентни и предвидливи услови за трговијата, преку олеснување на законската трговија што треба да придонесе за економски раст и развој и создавање на нови работни места дома, во нашата земја.

За да се остварат овие цели, царината треба понатамошно да се развива преку употреба на нови дигитални алатки.

Во насока на порастот на огромен број на податоци, што треба да се обработуваат, споделуваат и ефикасно анализираат – новиот систем за обработка на царински и акцизни документи е одговор на овие барања. Царинската управа треба да се базира на автоматските процеси за обработка на податоците што треба да придонесе за подобра наплата на приходи, подобра анализа на ризик, поголема безбедност и намалување на ризиците од закани.

Важно е да напоменам дека Владата е целосно посветена на остварувањето на целите и приоритетите на Берлинскиот процес за создавање на регионална економска област на Западен Балкан, зацртани во повеќегодишните акциски цели.

Дозволете ми да изразам голема благодарност до Европската Унија, до земјите членки на Европската Унија, до Светската банка, УСАИД, ГИЗ и ИФЦ за донациите и континуираната поддршка што ни ја пружаат за модернизација и унапредување на царинското работење.

Новата ера на дигитална царина е наша остварлива цел и еден од важните услови за побрз економски раст и развој.

На самиот крај сакам на сите царински работници да ви го честитам одбележувањето на Денот на царината и 27 години постоење на Царинска управа на РСМ и да ви порачам дека како Влада ќе продолжиме со поддршка и промовирање на сите соодветни инструменти, иницијативи и алатки за поддршка на Царинската управа, преку дигитализација, автоматизација, без-хартиено работење и градење на секаков вид на капацитетите.

Преку овие напори, убеден сум дека ќе ги постигнеме нашите заеднички цели.

Почитувани царински работници, нека ви е честит царинскиот празник!“

Треба да знаете
Последни објави