Во рамки на проектот „Партнерство и градење на капацитети, пат до одржлив развој” Центарот за развој на Јабланичкиот и Пчињскиот регион, денеска и утре во Скопје одржува работилница за идентификација и подготовка на заеднички концепт проекти. На работилницата учествуваат градоначалници, претседатели на општини и претставници на локалните самоуправи од Јабланичкиот и Пчињскиот регион во Србија како и претставници на општини од северозападниот и скопскиот регион на Северна Македонија.
Целта на работилницата е препознавање на заеднички интереси и конципирање предлог проекти за подобра подготовка за претстоечката соседска програма Србија-Северна Македонија.
Проектот има за цел вмрежување на локалните самоуправи од Јабланичкиот и Пчињскиот регион и општините од Северна Македонија и подигнување на капацитетите на локалните самоуправи за учество во програми за прекугранична соработка. Во проектот е вклучена поддршка во подготовка и имплементација на ЕУ проекти (ИПА прекугранична соработка Бугарија-Србија и Србија-Северна Македонија).
Претставници на градови и општини од Јабланичкиот и Пчињскиот регион во Србија и претставници на општини од северозападниот и скопскиот регион на Северна Македонија во октомври склучија партнерство и потпишаа меморандум за разбирање и соработка. На дводневната работилница ќе се направат поконкретни чекори во меѓусебната соработка.
Проектот го кофинансираат Развојната Агенција на Србија, Центарот за развој на Јабланичкиот и Пчињскиот регион и 12 единици на локални самоуправи од Јабланичкиот и Пчињскиот регион. Проектот се реализира од август минатата година.