После 27 години напорна и успешна работа, препратена со низа предизвици, денес со гордост можеме да кажеме дека Царинската управа е модерна, меѓународно афирмирана служба, способна да ги промовира и олеснува економските активности, но пред сè успешно да се грижи за животот и здравјето на граѓаните и да ги чува финансиските интереси на државата.
По повод 14-ти Април, денот Царината, денеска во просториите на Националната филхармонија во Скопје се одржа традиционалната свечена церемонија на која присуствуваа високи претставници на Владата на Република Северна Македонија, претставници на дипломатскиот кор, бизнис заедницата и други соработници на Царинската управа. Свечениот настан, по повод празникот, го отвори претседателот на Владата на Република Северна Македонија г-дин Зоран Заев кој истакна дека одбележувањето на овој ден е значаен за нашата држава и за граѓаните, бидејќи Царинската управа и царинските работници се првиот контакт со земјата – тие се лицето на Република Северна Македонија, а царинското работење е поттик и важен предуслов за унапредување на меѓународната трговија на земјата. Премиерот на царинските службеници им го честита одбележувањето на Денот на Царината и порача дека Владата ќе продолжи со поддршка и промовирање на сите соодветни инструменти, иницијативи и алатки за развој на Царинската управа, преку дигитализација, автоматизација, без-хартиено работење и градење на капацитети.
Пред присутните се обрати и заменичка на министерот за финансии г-ѓа Ширет Елези, која во своето обраќање на царинските службеници им ги честиташе постигнатите резултати и истакна дека министерството за финансии и Царинската управа ќе продолжат во спроведувањето на реформите во овој сектор. Само заедно ќе можеме да одговориме на новите предизвици, како резултат на брзата глобализација на трговијата и финансиските системи.
Директорот на Царинската управа, г-дин Ѓоко Танасоски, во своето обраќање упати честитки до царинските службеници, при што даде осврт на резултатите и активностите на Царинската управа во текот на изминатата година. Годинава, Царинската управа посвети повеќе внимание на најзначајниот и најкомплексниот развоен проект наречен Дигитална царина и ако лани најавивме дигитализација, оваа година не очекува реализација, 2018 година ја обележаа неколку крупни проекти од различни области, кои доведоа до огромен напредок и модернизација. Изминатата година Царинската управа започна ново поглавје во своето работење, со финализирањето и развојот на Системот за обработка на царински декларации и акцизни документи кој ќе го замени досегашниот систем АСИКУДА. Со тоа, сите царински постапки што досега се реализираа на хартија ќе бидат заменети со електронски постапки. Понатаму, директорот ги презентираше останатите постигнати резултати, како што е остварен приход во 2018 година од 1,43 милијарди евра, што е за 87 милиони евра повеќе, односно 11,1% повеќе од 2017 година, кога биле наплатени 1,27 милијарди евра, многубројни заплени меѓу кои заплена на над 1 тон дрога, усогласување на царинското законодавство со ЕУ, остварени бројни состаноци со бизнис заедницата и реализирани проекти.
Како дел од подготовките за влез во Европската унија, презентирано беше видео на кое се претставени придобивките од воведувањето на новиот Систем за обработка на царински декларации и акцизни документи. Покрај ова, присутните имаа можност да погледнат и видео во кое беа претставени спецификите на неколку царински постапки, што се применуваат при увоз, извоз и транзит на стоки од и во државата. Во рамки на овогодинешното одбележување на царинскиот празник и годинава, успешно беше организирана крводарителска акција на која својата хуманост ја покажаа над 100 царински службеници.
Покрај крводарителската акција, по повод одбележувањето на 14-ти Април – Денот на Царинската управа, организиравме уште неколку настани. Во знак на добрата соработка и меѓусебна поддршка, царинските и полициските службеници на граничните премини организираа фудбалски натпревари, а имавме чест да бидеме домаќини на децата од СОС Детско село кои се запознаа со работата на царината, присуствуваа на прoверкана патници и се запознаа со правата и обврските на патниците при поминување на граничните премини. Со цел подигнување на јавната свест на граѓаните во борбата против фалсификатите, продолживме со спроведување на кампањата „Стоп за фалсификуваните производи“ низ средните училишта и поголемите трговски центри во Скопје.
Традиционално, на денот на Царината беше искажана благодарност на институции и поединци кои со својата работа дадоа придонес за успешната работа на Царинската управа и поддршка на реформите во царинското работење. Од името на Царинската управа, директорот Танасоски додели признанија во вид на плакета и пофалница на царинските службеници и компании со кои соработува Царинската управа за постигнати исклучителни резултати во работењето, со што придонесуваат кон порационално, поефикасно и поквалитетно работење.