Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, има намера да состави десничарска владејачка коалиција откако оствари тесна победа на парламентарните избори во кои најсериозен конкурент му беше сојузот на партии од центарот.
Иако неговата популарност беше загрозена по серијата објави за корупциски скандали кои во последниве години се поврзуваат со неговото име, 69-годишниот Нетанјаху го доби петтиот мандат и е на пат во текот на летото да стане премиер со најдолг стаж во 71-годишната историја на земјата.
Неговиот близок сојузник, претседателот на САД, Доналд Трамп, кој остро ја сврте американската политика во корист на Израел и отворено го поддржа Нетанјаху, изјави дека реизборот на израелскиот премиер на националните избори е добар знак за мир.
Десничарската партија на Нетанјаху, „Ликуд“, доби сличен број на пратенички места во парламентот, како и нејзиниот главен ривал, центристичката алијанса на поранешниот воен командант, Бени Ганц.
Сепак, резултатите од изборите покажаа дека „Ликуд“, заедно со другите десничарски партии, ќе има околу 65 од вкупно 120 места во парламентот.
Ганц го призна поразот во средата вечер, а конечните официјални резултати се очекуваат до петок.
„Ја почитуваме одлуката на народот“, изјави Ганц за новинарите во средата навечер.
Преговорите за составување на владејачка коалиција може да траат со денови, па дури и недели.