Скопското јавно Обвинителство што ја води истрагата за несреќата кај Ласкарци побарало од судот да им бидат продолжени притворот и куќниот притвор на осомничените, дознава „Макфакс“. Пред 30-ина дена притвор им беше определен на шоферот на автобусот со кој што патуваа оштетените патници и на сопственикот на превозникот „Дурмо турс“.
За предлозите на Обвинителството треба да одлучи Кривичниот суд. Според сознанијата на „Макфакс“, во скопското Обвинителство и натаму се сослушуваат сведоци во истрагата.
Несреќата се случи на 13 февруари кога автобусот на „Дурмо турс” со 51 патник излета од патот Тетово-Скопје и падна во провалија откако ја проби заштитната ограда на автопатот. Први на помош на повредените им помогнаа мештаните од Ласкарци и околината, а за спасување беа мобилизирани комбиња на брзата помош од Здравствениот дом Скопје и од приватните болници „Неуромедика” и „Систина“.
Возачот на автобусот на „Дурмо турс“ возел со брзина од 99 километри на час, иако на автопатот било дозволено возење со 80 километри, и го активирал уредот за манипулација на тахографот за да не ја прикаже вистинската брзина на движење, покажало вештачењето.
сопственикот на „Дурмо турс“ е првоосомничен. Тој не го организирал автобускиот превоз врз основа на законските прописи и му го препуштил раководењето на возниот парк на второосомничениот – раководителот на правното лице. Според истрагата, сопственикот не се грижел за исправноста на тахографот. Исто така, и двајцата знаеле дека не е исправен уредот за сопирање, ама не презеле ништо.
Трето, четврто и петтоосомничениот се вработени во станицата за технички преглед. Во јули и декември 2018 бил извршен технички преглед на автобусот и било забележано дека има проблем со сопирачките, но сепак издале документ дека автобусот е исправен.
Шестоосомничен е возачот, а седмото лице е осомничено дека издало потврда оти тахографот во автобусот е исправен, без да спроведе проверки.