Ајакс и Јувентус одиграа 1:1 во интересен меч во Амстердам во кој домаќините ќе жалат за пропуштените шанси, додека Манчестер јунајтед не успеа да упати ниту еден удар на голот за да загуби со 0:1 од Барселона во двата меча кои беа најавувани како „кремот“ на четврт-финалето на Лигата на шампионите.
Манчестер јунајтед не можеа да се носат со играта на Барселона, која имаше 66 отсто од поседот на топката (во еден момент дури и 73 отсто), и на крајот ќе патуваат на „Ноу Камп“ со негатива од 0:1, односно на момците на Оле Гунар Солксјер ќе им биде потребно уште едно чудо, како тоа со ПСЖ за да се пласираат во полуфиналето, првпат од ерата на Сер Алекс Фергусон.
Барселона дојде до рано водство, откако во 12. минута, Лук Шо си постигна несреќен автогол. Додавањето на Меси беше одлично за Луис Суарез, кој со глава ја упати топката кон голот, а Шо се најде на погрешното место. ВАР-консултацијата на Роки покажа дека голот е регуларен. Во првото полувреме за одбележување беше дуелот на Крис Смолинг со Лео Меси, по кој Аргентинецот остана со крвав нос, а Барса имаше уште една шанса преку Филипе Кутињо. Јунајтед најдобрата шанса ја имаа преку Диего Далот, кој не успеа од пет метри.
Второто полувреме почна со лоша игра на двете страни, пред Маркус Рашфорд да има добра шанса во 54. минута но не е прецизен. Притисокот на Јунајтед не вродува со плод, а Суарез на другата страна има добра шанса во 65. минута. Фудбалот, секако, не беше спектакуларен, но неизвесноста држеше до крајот.
Јувентус остана непоразен против Ајакс во 10-тиот меѓусебен меч во Европа (5 победи-5 ремија), откако домаќините не успеаја да искористат повеќе шанси, посебно во првото полувреме во кое Јуве беше „сенка“ на тимот кој „гази“ во Европа.
Хаким Зијеч, сигурно направи доволно на овој меч да биде забележан од големите европски клубови, меѓутоа по сите шанси во првото полувреме, Јуве прв дојде во водство во финишот на полувремето, кога Кансело одлично го најде Кристијано Роналдо, кој со глава постигна нов гол за Јуве во ЛШ.
Само што почна второто полувреме, Давид Нерес ги израдува домашните навивачи, откако сам си направи акција и со убав удар го совлада Шчесни. Шансите на Ајакс се нижеа – Де Јонг, Шене и Зијеч го опседнаа голот на италијанскиот шампион, но не успеаја да постигнат гол.
Сепак, Јуве покажа колку може да биде опасен, откако Даглас Кошта во 85. минута го погоди дирекот со убав удар. Темпото падна во финишот на натпреварот и „копјаниците“ сега ќе треба да направат подвиг во Торино за да се пласираат во полуфиналето.