Охрид мора да биде град на еднакви можности и шанси за сите – град на нови дела за напредок и убаво место за живеење, рече на прес-конференција, кандидатот за градоначалник на градот, Митре Милошевски.
Тој како негов приоритетен проект за Охрид го посочи оној за изградба на социјални станови.
„Целта е станбено решавање на социјалните случаи кои се најзагрозени. Изградба на станови кои ќе може да ги користат семејствата со социјален ризик, огромна помош да добијат свој дом, но исто така и оние граѓани кои заради временски непогоди или несреќен случај го изгубиле својот дом“, појасни кандидатот за градоначалник.
Исто така, тој најави дека лично ќе се заложи за проширување на меморандумот за соработка со Општата болница.
„Доделување еднократна парична помош за секое првородено дете – 6000 денари, второродено 9000 денари, третородено – 12 000 денари, четврто – 15 000 денари“, појасни Милошевски.
Посочи дека заложба на неговата администрација ќе бидe намалување на зависноста на граѓаните од волјата на поединци во институциите.
„Мерките мора да функционираат за заштита или превенција од длабока сиромаштија и од наталожување од социјални ризици кај граѓаните“, порача Милошевски и ги повика охриѓани да го заокружат бројот 5.