Можностите за инвестиции и протоколот за НАТО – тема на средбите на министерот Хасан во Туција

Министерот без ресор задолжен за странски инвестиции, Елвин Хасан беше во работна посета на Турција каде што оствари средби со министерите за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, за трговија Рухсар Пехџан и со министерот за индустрија и технологија, Мустафа Варанк.

Како што соопштија од неговиот кабинет, на средбите се разговараше за актуелните политички и општествени случувања во двете земји, пријателските односи меѓу нив кои, се наведува, секогаш биле одлични како и за унапредувањето на взаемната соработка.  Министерот Хасан ги презентираше тековните услови за инвестирање, потенцијалните проблеми и нивните решенија, а најмногу внимание било посветено на ратификувањето на протоколот за пристапување на нашата држава во НАТО.

-Република Турција секогаш била најсилен сојузник во борбата за влез на нашата држава во ЕУ и НАТО и најголема поддршка Северна Македонија добивала токму од Турција. И покрај тоа што Република Турција е еден од најголемите инвеститори во нашава држава, се констатираше дека сточарството, текстилот и технологијата се области кои се од интерес за нови инвеститори. Разгледана беше опцијата за извоз на јагнешко месо, кое е споменато и претходно, стои во соопштението.

Министерот Хасан во текот на престојот во Турција оствари средба и со ТИКА, Агенција која реализира успешни проекти кај нас. Исто така, министерот ја посети и Дирекцијата за турска дијаспора и сродни заедници (ЈТБ), која им овозможува стипендии на млади од целиот свет, вклучувајќи ги и младите од Република Северна Македонија. Ваквите средби, ги зајакнуваат односите и ја потврдуваат взаемната поддршка и почит на двете држави, како и развојот на економската соработка која е секогаш во интерес на граѓаните од двете земји, се посочува во соопштението.

Треба да знаете
Последни објави