Амбасадорот на Шведска Матс Стафансон денеска се сретна со специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и нејзините соработници. Стафансон пренесе дека шведската влада високо ја вреднува работата на СЈО и нагласи дека продолжувањето на досегашните истраги, обвиненија и случаи треба да биде обезбедено.
„Договорот од Преспа со Грција кој беше неодамна ратификуван, еднаш засекогаш го решава долгогодишното ‘прашање со името’, покажувајќи на светот дека Балканот може да генерира стабилност и позитивна енергија. Сепак, сè уште постои силна потреба за справување со корупција на високо ниво и за истражување на бројните индикации за злоупотреба на моќ, кои произлегуваат од снимените комуникации. Во овој контекст, СЈО мора да ја задржи својата круцијална улога преку осигурување на неговите капацитети и независност. Бидејќи има јасно влијание врз ЕУ перспективата на Северна Македонија, политичките партии и Собранието би требало да го решаваат ова прашање со огромна итност”, рече Стафансон.