Голем грабеж се одигра пред неколку дена на аеродромот во Тирана и во таа прилика полицијата го уби водачот на бандата Адмир Муратај. Оваа група разбојници од авион на „Аустриан Ерлајнс“ украде околу 10 милиони евра.
Во меѓувреме, албанската војска презеде контрола над аеродромот во Тирана, а концесионерот на аеродромот и владата на Еди Рама меѓусебно си ја префрлаат вината за пропустите на обезбедувањето. „Аустриан Ерлајнс “ повеќе нема да превезува пари од Тирана.
Иако се шпекулираше дека во овој грабеж учествувале 4 разбојници, снимката покажа дека се 5.
Тие упаднаа на пистата и од блиндирано возило ги грабна вреќите со пари. Ниту три дена по грабежот никој со сигурност не може да утврди колку пари се однесени, а проценките се движат од 1 до 10 милиони евра.
Тројцата разбојнции се обиделе да ја отворат вратата, а еден бил зад комбето. На снимката може да се види Муратај, веќе познат на полицијата поради подебело досие, намерно облечен различно од соучесниците. Грабежот се одигра во вторникот околу 15 часот додека вреќите со пари се товарале во авионот. Крадците влетаа на пистата, го зедоа пленот и побегнаа, но набрзо ги дочека полицијата.
Албанските медиуми пренесуваат дека крадците во судирот со полицијата фрлале гранати и пукале од калашникови. Во престрелката е убиен Муратај, а неговиот брат Цен веќе најави крвна одмазда.
„Ќе најдеме кој Адмир го остави на улица. Со помош на полицијата или не, ќе дознаеме кои се соучесниците и ќе ја задоволиме правдата. Тој не беше водач, водачот е уште жив“, изјави Цен.