Во строгиот центар на Прага и во историските делови на градот, забрането е користење на едно превозно средство од поновата генерација.
Градскиот суд по втор пат ја одби петицијата поднесена за користење на електрични возила со две тркала, објави агенцијата V4NA.
Имено, во главниот град на Чешка со последната судска одлука и натаму е забрането возењето на сегвеј (segway).
Потписниците на петицијата се незадоволни бидејќи со ова електрично возило им е забранет влез во историските делови на градот и речиси во целото централно подрачје. Нивниот адвокат, Павел Ричка, изјави дека ќе поднесе жалба до Врховниот суд против одлуката на градскиот суд.
Во крајна линија употребата на сегвеј би требало да се дозволи на велосипедските патеки, сметаат оние кои се за користење на ваквото превозно средство.
Според еден претходен закон, корисниците на сегвеј се сметале за пешаци, но по промените во законот овие електрични возила се забранети во центарот и во историските области.
Забраната беше воведена во јули 2016 година, а сообраќајните знаци беа поставени половина година подоцна, при што воведувањето на мерките го чинеле градот околу 145.000 евра.