Протестот „Сите како еден – 1 од 5 милиони” започна во 15 часот пред Народното собрание на Србија во Белград. Деталите и сценариото за денешниот голем протест, Сојузот за Србија не сакаше да ги соопшти јавно, како што велат оттаму, од тактички причини. Во Собранието на Србија се наоѓаат полицајци.
Лидерите на Сојузот за Србија апелираа до граѓаните мирно да го искажат своето незадоволство од „режимот на СНС”. Според најавите од Сојузот, опозицијата ќе ги прочита нивните барањата, а на говорницата ќе се обратат лидерите на опозицијата и јавни личности.
Александар Мартиновиќ од Српската напредна партија рече дека пратениците ќе останат во Собранието и ќе го штитат од оние кои би сакале „да ги преземат институциите и власта во Србија преку насилство, закани и уцени”.
Претседателот на Новата партија Зоран Живковиќ рече дека на протестот на опозицијата во Белград во првиот час ќе зборуваат јавни личности, а потоа пеш ќе се оди до Владата, Славија и назад пред Собранието.
Новата партија соопшти дека политичарите ќе зборуваат од 17 часот и дека ќе има „неколку варијанти што понатаму, но ниту една од нив не е опасна”.
-Нема никакви ад хок решенија, нема упад во РТС, Собранието и Претседателството, ниту што било друго. Немам ништо против упад во Претседателството, но со јасен план и тоа мора да се знае однапред, рече тој.