Како да биде безбедно во сообраќајот? Ни помалку-ни повеќе тројца прилепски основци имаат решение за проблемот. Најмногу, да помогнат во намалувањето на сообраќајните несреќи.
Патот не води во прилепското основно училиште „Блаже Конески”. тројцата основци од ова училиште: Антонио Барлески, Петар Апостолоски и Михаела Наумоска веќе го имаат епитетот вице-шампиони на Западен Балкан за кодирање, помеѓу своите врсници од 13 училишта од шест земји.
Тројцата ученици-млади информатичари, идни програмери, со својата наставничка по информатика, Наташа Ристеска Проданоска, штотуку се вратија од Белград. Од Дигиталниот самит, сѐ уште со впечатоците дека се во врвот на балканското кодирање.
Средбата е срдечна, со честитки и со прашањето: За што станува збор и со каков проект победиле.
Објаснувањето стигнува веднаш. Тројцата основци од Прилеп со својот проект “Транспортен инфомационен систем” го воодушевиле европскиот информатичарски свет. Имаат решение за безбедност на патиштата.
Со својот проект пред себе, а и камионот, со трите станици и бројните диоди и микро-битови, Антонио Барлески почнува со објаснувањето.
-Го креиравме „Транспортниот информациски систем” што ги користи микробитовите. Тоа се мали процесори, како џепни компјутери. Успеавме да најдеме начин, со помош на микробитовите да заштитиме многу животи ако некој ден овој проект биде искористен во масовна продукција. Нашиот транспортен систем има околу 11 функции и се состои од три компоненти. Една од компонентите е самиот камион, товарното возило, кое ги содржи сите микробитови. Тие имаат функција на испраќање сигнали, а две станици ги примаат, објаснува Барлески.
Бидејќи сѐ уште е „шпанско село” за сите нас, Антонио дообјаснува:
-Функциите на Транспортниот информациски систем се состојат од контрола на светлата за камионот, контрола на светлата за патот, означување на патот за возачот, можноста да испраќа сигнали ако има сообраќајна незгода, да ја мери температурата, и ако е пониска, да испрати сигнал до метеоролошката станица, да го осветли возилото ако е темно, да се следи и брзината на возилото. На пример, голема помош е за возачите од другите држави на кои, со бојата на светлата може да им се укаже каде се движат. Па пример, ако се зелени, упатуваат дека се движат кон Будимпешта, а ако се сини, се упатуваат кон Загреб, објаснува младиот информартичар Барлески.
Последните компоненти на системот се трите станици кои ги примаат сигналите: метеоролошката, полициската и станицата за итна помош. И сѐ на крајот да биде безбедно, велат младите информатичари.
Младиот Петар Апостолоски од победничкиот тричлен тим, објаснува: идејата пристигна по големата трагедија во регионот во септември лани и нашата желба за да помогнеме.
– Идејата за овој систем произлезе по верижниот судир на 27 септември минатата година во Србија. Со овој систем сакаме да спречиме голем број жртви во сообраќајот, вели Апостолоски.
Михаела Наумоска, единственото женско во тимот мудро го чека својот момент да го пренесе впечатокот од Дигиталниот самит во Белград и од Регионалниот натрпевар што е дел од програмата „Училиштата на 21 век”, проект на Британскиот совет.
-Битно е микробитовите да се искористат на вистинскиот начин. А таму на Самиот и на натрпеварот беше полно со возбуда. Големи имиња видовме во светот на информатиката и на програмирањето. Нѐ фасцинираше инетлигентиот робот Софи. Запознавме многу другарчиња, но и ѕирнавме во светот на информатиката, како правец за наше надградување. Фантастично искуство, вели Михаела.
Менторот и професор по информатика Наташа Ристеска Проданоска е горда на своите ученици-иноватори. Вели, сѐ е нивна заслуга. Напорно работеа шест месеци да го завршат проектот со надеж дека некој ќе го стави во секојдневна функција.
-Со проектот бевме државни прваци па затоа стигнавме на Регионалниот натпревар во Белград. Конкуренцијата беше голема и тешка, ама сите со полн елан, малку треба, со многу возбуда, сепак останавме фокусирани. Ни приоѓаа многу научници, познати во информатичкиот свет. Голема возбуда беше што еден од програмерите на роботот Софи, атракција на Самитот, ни пријде, се инетересираше за нас, зеде податоци и документација. Голем успех е тоа на младите, а јас сум горда на нив, вели насмеано наставничката, менторка на младите научници, Ристеска Проданоска.
И младите информатичари не здивнаа деновиве. Самошто се вратија од натпреварот и од Самиот од Белград, заминаа на натпревар по информатика и роботика во Македонска Каменица. Така е тоа со информатиката. Не може да се паузира, зашто новитетите веднаш стигнуваат.
Сите тројца основци, млади информатичари, идни програмери, размислуваат за нешто ново. Ама и да заживее последниот проект. Антонио, Патар и Михаела, таинствено велат, веќе размислуваат за нов, поголем, проект. Има време.
И се знае. Пред да прашаме – што понатаму, едногласен е одговорот: Информатиката е нашата прва љубов. Антонио, Петар и Михаела од прилепското основно училиште „Блаже Конески” докажаа – има потенцијали и огромни можности за продор во нивниот „свет на кодирањето”