Претседателскиот кандидат, Гордана Сиљановска Давкова вечерва се обрати на граѓаните на централниот митинг пред Владата на СРМ и им се заблагодари на нивната беспрекорна поддршка која и ја даваат, за да на 21 април и 5 мај влезе низ голема врата правото и правдината во Република Македонија, и да се стави крај на ова црнило кое владее во земјава.
-Восхитена сум од глетката и инспирирана, неверојатна инспирација сте. Веќе неколку месеци одиме во Македонија и си го запознаваме народот, за жал јас не ни знаев колку прекрасен народ има во оваа земја. Не сум јас хероината, вие сте хероите, вие сте Македонија. Јас само ќе се обидам да бидам вашиот глас, вашиот ум, вашиот став, вашата порака, постојано ќе го кажувам дека сум со вас, дека не можам без вас, дека произлегувам од вас, и дека се ќе сторам за Македонците, за Албанците, за Ромите, за Србите, за Бошњаците, за Египќаните зошто сите вие сте мои граѓани, нагласи Сиљановска.
Според неа, дојде мигот кога Владата треба да се соочи со резултатите од катастрофалното речиси две ипол годишно владеење, а која се нарекува реформска влада.
-И народот очекуваше реформи, очекуваше демократија, очекуваше владеење на право, очекуваше борба со корупцијата и криминалот, очекуваше битка со непотизмот, очекуваше европеизација ама таа не дојде. Единствената промена што ја направија е промената на името, најболната промена, истакна Сиљановска.
Сиљановска Давкова посочи дека Македонија има прекрасно име, во женски род е, и не и треба придавка. А, пред народот стои токму жена, зошто на Македонија и треба жена. На татковината и треба жена.
-Каква е сликата две ипол години по придавката реформска влада со фамилијарни вработувања веќе не знаеме што значи скандал во оваа скандалозна балканска земја. Нема поделба на власта, кај што нема поделба на власта нема демократија. Парламентот е во рацете на 81 пратеник но тие не се пратеници тие само креваат раце, тие само ги потврдуваат веќе донесените одлуки во владината зграда. А, токму во таа зграда власта не е распоредена на 26-мина, некои дури не доаѓаат на работа и немаат проблем со тоа, рече Сиљановска.
Таа потсети дека власта организира неуставен и незаконски референдум за да донесат неуставен и незаконски закон за амнестија, за да го сменат кривичниот законик во потрага по гласови за промена на името.
-Сета власт е во рацете на неколкумина- конзули. Меѓу нив првиот конзул, премиерот е надлежен за се. Се е во негова надлежност, дури стои на чело на совет за судски реформи, тоа е невидено, бидејќи никаде политичар води судски реформи, а да уверува дека целта му е независно судство. Мора сето ова во државата да се смени. Потсетувам основниот услов за чекорење кон ЕУ е владеење на правото. Власта не верува во правото, тие зборуваат само за политика. Нивната политика е надвор од правото. Нивната политика е надвор од Уставот. Нивната политика не води сметка ни за она тронка меѓународно задолжително право иако е тоа темелна вредност на уставниот поредок, потсети Сиљановска.
Сиљановскаистакна дека не се градат добрососедски односи со заборавено достоинство.
-Со згазено достоинство на еден народ, добрососедски односи постојат меѓу рамноправни држави. Меѓусоседски добри односи постојат меѓу пријатели. А, ние се што побараа од нас направивме. И уште си се уверуваме дека сме биле рамноправни, рече Силјановска.
Таа потенцираше дека власта најави дека ќе требало да ангажираат огромен човечки потенцијал и експертски за да може да се подготвиме за првите поглавја 23-24, за правда, за безбедност, за владеење на право и за независно судство.
-Ама ако велат дека 40.000 вработиле, што прави таа армија на вработени? Па не се ни усогласени премиерот споменува 40.000 административна војска, министерот за финансии вели дека се некаде 28.000, министерот за информатичко општество вели 25.000. Нашето прашање е каде се вработени тие луѓе, што работат, зошто нема ниту еден чекор кон европезаицијата, зошто освен Преспанскиот договор и спогодбата не видовме ниту една реформа. Знаеме зошто, зошто си ги вработија партиските војници. Тие не мора да исполнуваат строги критериуми какви што се бараат за администрацијата, а оние што ги исполнуваат, најшколуваните, најмладите, најумните и бегаат од Македонија, нагласи Сиљановска .
Сиљановска Давкова вети дека покрај уставни реформи на свој начин ќе ја врши претседателската функција.
-Гледајќи ве овде во олкав број јас ветувам дека пред Собранието ќе се обраќам ако треба 12 или повеќе пати годишно адресирајќи ги вашите проблеми. Проблемите на здравството, на лицата со посебни потреби, на најфрагилната ромска заедница, на децата зошто сега е трендот да се штитат детските права, на земјоделците, на сите ранливи категории. Се надевам дека ќе допре гласот до нив и дека не само законски туку и вистински ќе посегнат по промени. Но, се разбира ако не го сторат тоа во следните месеци се знае кој ќе го направи. А, тоа е ВМРО-ДПМНЕ кој има план, програма како да се излезе од кризата во која Македонија е потоната поради оваа власт, рече Сиљановска.
Фото: Слободан Ѓуриќ