Митре Милошевски, кандидатот на ВМРО ДПМНЕ за градоначалник на Охрид, денеска се заложи за што поголем меѓународни манифестации од областа на културата, национално-културни настани, концерти и претстави, изложби и промоции во градот.
– Уникатните вредности на Охрид ни даваат насока и обврска за културен резултат во секоја активност која ја цениме како промотор на градот, определување на неговите вредности и зачувување на ликот на градот, рече Милошевски.
Истакна и дека Охрид го гледа како развиена културна средина, театарска и филмска ризница од културни вредности, што ќе се спроведува со поддршка на фестивалот „Охридско лето”, организација и поддршка на Охридската академија на хуманизмот, поддршка на манифестациите „Прличеви беседи” и Поетска ноќ во Велестово, одржување и поддршка за фолклорните фестивали во градот, Охридскиот хорски фестивал, Францускиот филмски фестивал, Фестивалот на Египќани, реномираниот „Балкански фестивал” на народни песни и ора и уште многи други.
За афирмација на културата и туризмот рече дека вниманието ќе го насочи кон одбележување културно-историски и археолошки локалитети со легенда, означување на локациите во градот од каде што се напишани староградските песни со кратка легенда и текстот на песната, поставување рекламни билборди со автентични фотографии од стар Охрид како сведоштво за изгледот на градот во минатото.