Малтешките власти соопптија дека 64 мигранти кои беа спасени пред девет дена кај брегот на Либија, ќе бидат распоредени во четири земји на Европската Унија.
Мигрантите ќе бидат примени во Германија, Франција, Португалија и Луксембург.
Бродот кој се наоѓа во близина на брегот на Малта не доби дозвола да се закотви во пристаништето, така што мигрантите ќе бидат одведени во европските земји со малтешки бродови, наведоа тамошните власти.
Малта го одби хуманитарниот брод со мигрантите затоа што смета дека активностите на бродови кои спасуваат мигранти ќе го поттикнат криумчарењето луѓе.
Германската невладина организација „Си-ај“ се жалеше на лошите услови на бродот на кој се наоѓаат 64 мигранти. Две лица неодамна беа евакуирани од бродот поради здравствени проблеми.