Заедничкиот кандидат за претседател, Стево Пендаровски во интервју за 24 Инфо вели дека е задоволен од сработеното во првата недела од кампањата, оптимист е дека земјава ќе добие датум за почеток на преговори, а убеден е дека ќе биде убедлив победник и во двата круга од изборите.
Како ја оценувате првата недела од кампањата, дали сте задоволни од сработеното, имате ли забелешки за начинот на кој се одвива кампањата на против-кандидатите и дали сите го почитувате договореното за фер и демократска кампања, имајќи во предвид одредени лични дискредитации кои се јавуваа во периодот пред кампањата?
Мислам дека кампањата се одвива во релативно фер атмосфера и јас лично ги почитувам начелата на фер кампања на кои се обврзав на почетокот. Сепак, ВМРО-ДПМНЕ и покрај ветувањата уште од првиот ден започна негативна кампања и пласираше неколку невкусни спотови. Ова не ме изненадува и навикнати сме на нивниот начин на комуникација кој се базира на негативни пораки и поттикнување гнев кај граѓаните. Јас од друга страна се определив за многу позитивна кампања и верувам дека граѓаните тоа ќе го препознаат и наградат на изборите. Лично немам против издржаните критики и тие се нужни за демократијата, но она што ме загрижува се навредите и лагите на социјалните мрежи кои се многу присутни. Тоа е феномен против кој ќе мора да се бориме како општество бидејќи прави огромни штети и поттикнува омраза и поделби.
Ситуацијата во врска со донесувањето на Законот за обвинителство не е поместена од почетокот на кампањата до сега. Власта е на став дека недонесувањето на Законот ќе влијае негативно врз добивањето на датумот за почеток на преговорите со ЕУ, опозицијата тврди дека датумот секако нема да го добиеме. Каков е вашиот став по тоа прашање, независно од Законот, дали Македонија во јуни ќе добие датум за преговори?
Сите пораки кои доаѓаат од Брисел во изминатите денови се многу позитивни и упатуваат на тоа дека е можно да добиеме датум за преговори веќе во јуни. Владата интензивно работи на тоа и јас сум оптимист дека ова ќе се случи. ВМРО-ДПМНЕ, за жал, повторно се обидува да го опструира носењето на законот за СЈО чие носење е важен услов за добивање на датум во јуни. Ова ВМРО-ДПМНЕ добро го знае и свесно го кочи процесот како не би добиле датум, но заради ова деструктивно однесување тие силно ќе бидат казнети од граѓаните на изборите на 21 април. Цели десет години за време на власта на ВМРО-ДПМНЕ назадувавме на секое поле. Десет години сите процеси кон ЕУ и НАТО беа закочени затоа што ЕУ интеграцијата не беше приоритет за режимот на Груевски. Тие освен кочење и назадување друга политика не нудат. Погледнете, Иванов кој е претседател на државата од ВМРО-ДПМНЕ не ги потпишува реформските закони кои исто така се важни за иднината на земјата. Со еден збор, во битката за добивање на датум главен противник ни е ВМРО-ДПМНЕ, но и покрај тоа верувам дека ќе успееме, а тие и Силјановска ќе бидат казнети на изборите заради овие политики на деструктивност.
Според анкетата на „Детектор“, односно на Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС) во период од 23 до 27 март, мнозинството граѓани ќе гласаат на престојните претседателски избори (69,3 проценти) и според етничкиот пресек Македонците се помотивирани да излезат на гласање (76,4 проценти), додека кај Албанците ќе гласаат 52,6 проценти од испитаниците. Испитаниците очекуваат да биде исполнет цензусот од 40 проценти во вториот круг на изборите (47,9 проценти), додека во неговото исполнување не се сигурни 38,6 проценти од нив. Дали сметате дека се реални овие бројки и дали може да се случи да не се постигне цензус?
Јас верувам дека овие избори се многу поважни од сите претседателски избори во минатото. На овие избори граѓаните не бираат само претседател, бираат во која насока ќе се движи земјата. Со гласање тие одлучуваат дали ќе продолжиме напред кон НАТО и ЕУ, брзо ќе ги завршиме реформите и ќе обезбедиме подобар живот за сите или ќе блокираме се што започнавме, ќе блокираме носење на закони, ќе ревидираме се од нула. И ова е многу важно за иднината на земјата и верувам дека сите масовно ќе излезат на гласање а цензусот ќе биде постигнат. Во однос на анкетите, сите истражувања покажуваат моја победа уште во првиот круг. Околу ова немам дилеми, останува да видиме колку голема ќе биде разликата. Јас очекувам победа од преку 70.000 гласа разлика уште во првиот круг и убедлива победа од преку 100.000 гласа во вториот круг.
Полупретседателски систем, со уставотворно силни, но во реалноста слаби претседатели. Дали Македонија и Вие како евентуално нов претседател може да понуди некој друг систем во кој претседателот би бил посилна фигура?
На Македонија не и е потребен друг систем туку вистински човек на позицијата претседател на државата. Јас донекаде ги разбирам кога луѓето велат дека претседателот е неважен или има само церемонијална улога. Тоа е нормално бидејќи десет години имавме претседател кој целосно ја девалвираше институцијата. Иванов не само што не одигра ниедна позитивна улога туку направи и многу штета. Мојата цел е да докажам дека претседателот и со актуелните ингеренции може да биде клучен во политичките процеси, да биде заштитник на граѓаните, да биде коректор на власта и партиите и да биде гласот на разумот. Претседателот е многу важен како за надворешната политика така и за одржување на внатрешна кохезија, водење на армијата и низа други улоги кои се битни за одржување на стабилноста на државата. Оттаму, воопшто не размислувам за нов систем, туку како да го вратам угледот на институцијата претседател на Република Северна Македонија.
Иако засега изгледа стабилна состојбата, се чини дека е можна нова бегалска криза предизвикана од лажните вести за отворање на Балканска рута преку Македонија па поради напливот на мигрнти во кампот кај Солун грчката полиција мораше да интервенира. Претседателот Ѓорге Иванов поради мигрантската криза дојде во конфликт со дел од претставниците на меѓународната заедница. Дали Вие би прифатиле промена на сегашната состојба и евентуално би прифатиле изградба на бегалски кампови како што се шпекулираше пред и по доаѓањето на власт на СДСМ?
Прво, во моментот не постои бегалска криза. Од она што го видов во медиумите, мигрантите се веќе повлечени од кампот во Солун. Самиот наплив настана како што и сами рековте заради лажна вест. Значи мигрантска криза не и се заканува на Македонија, тоа е важно да го знаат граѓаните за никој да не манипулира со нивните чувства. Во изминатите години една од главните негативни кампањи на ВМРО-ДПМНЕ беше токму кампањата со која ги лажеа граѓаните дека во Македонија ќе се градат бегалски кампови и дека ќе се населуваат бегалци. Ова беше многу пати демантирано од сите домашни и меѓународни претставници. Што се однесува до мојот став на ова прашање јас сум против изградба на бегалски кампови во државата и вакво нешто досега никој нема побарано од нас како држава. Поминаа две години откако е сменета власта а кампови нити се градат нити некој тоа го бара и оттаму граѓаните може да бидат спокојни во однос на ова прашање.
Присутни сте повеќе или помалку во политиката со години. На јавноста веќе и се познати Вашите размуслувања како би се однесувале ако станете претседател. Меѓутоа, дали со овие избори завршуваат Вашите политички амбиции ако не успеете да ја добиете довербата од граѓаните или можеби се гледате како лидер на партија и евентуално премиер?
Воопшто не размислувам дека на овие избори нема да ја добијам довербата бидејќи сум длабоко убеден дека тоа ќе се случи. Сите релевантни истражувања го покажуваат истото, но и поддршката која секојдневно ја добивам од граѓаните е многу силна. Оттаму, мојот фокус е на претседателските избори и не размислувам за други политички функции во моментов. Во однос на моите идни политички амбиции треба да знаете дека јас не сум член на ниедна партија. Со тоа не знам како би претендирал да бидам претседател на некој партија и ова воопшто не е нешто за кое сум размислувал или сум го планирал. За мене е приоритет да победам на изборите и да ги поддржам позитивните промени во земјата, да поттикнам брз развој и спроведување на реформите бидејќи предолго тапкавме во место.
Игор Шегавиќ
Фото: Слободан Ѓуриќ