Лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев на централниот митинг за подршка на заедничкиот кандидат за претседател, Зоран Заев, рече дека „заврши времето на криминалци и заштитници на криминалот”.
-Република Северна Македонија ќе добие претседател за кого иднината на државата не е авантура, туку должност, а тој не е заталкан патник туку водач. Ги победивме поделбите, омразата, конфликтите и немирот. Европа аплаудира, а граѓаните сакаат да продолжи нашата политика да се оди напред. Новиот претседател ќе биде човек кој сака, може и мора да влече напред – тоа е Стево Пендаровски, рече Заев на централниот митинг во главниот град.
Веќе сме, рече лидерот на СДСМ, дел од НАТО и до крајот на годината ќе бидеме 30-та рамноправна членка. -Одиме кон ЕУ и очекуваме, нагласи, таа да ги вреднува реформите дома и добрососедските односи и летово да добиеме датум за почеток на преговори за кои сериозно се подготвуваме.
– Ветрот на промените дува веќе две години. Откога одлучивме кормилото на нашиот заеднички брод да го насочиме заедно напред независно од каква било различност, се здруживме, се сплотивме, тргнавме напред. Застанување нема. Одиме напред со Стево Пендаровски. Не беше лесно, но се обединивме против режимот. Решивме и почнавме да градиме едно општество за сите. Седнавме со соседите и ги решивме најтешките прашања. Влеговме во сериозни реформи и воспоставивме правна држава, шанса за сите. Не беше лесно. Нашите заеднички успеси се мелем на нашите рани од мрачното минато. И никој, ама баш никој, нема да може, ниту ќе дозволиме да не враќа назад, истакна Заев.
Лидерот на СДСМ и премиер зборувајќи за успесите во економијата рече дека ветрот ќе биде засилен уште повеќе за тие бројки да станат двојно поголеми за да ги почувствува народот. Притоа вети над 500 евра просечна плата во 2020 година.
На критиките од опозицијата, Заев одгвоори дека идентитетот е зачуван и „забетониран”, дека сме, како што рече, горди Македонци кои зборуваат македонски јазик признат од целиот свет.
Направи споредби со другите двајца кандидати – за Блерим Река рече дека не е заеднички кандидат за сите граѓани, туку на една етничка заедница, а Пендаровски е поддржан од 31 партија, од сите етнички заедници и политички определби.
За Силјановска-Давкова, пак, рече дека не е за едно општество за сите, дека не е заеднички кандидат, туку е „претставничка на само еден човек – на Мицкоски кој е претставник на криминалецот Груевски”.
-Стево е граѓански кандидат, човек со интегритет, борец за правдата.Со кого во НАТО и ЕУ, ако не со човек кој обединува и влече напред во просперитет, а не назад во мрачното минато. Стево Пендаровски е развој, Гордана Силјановска е застој. Таа не е решение на проблемот – кочничарот Ѓорге Иванов, туку нов проблем. Таа продава лажен морал, рече Заев и праша зошто како министер во 1990-тите не направила нешто со транзицијата за која зборува и зошто оставиле оваа влада да го реши проблемот со 10.000 стечајци.
Во обраќањето Заев го повика Мицкоски јавно да се огради од политиката на својот претходник Никола Груевски затоа што, рече, „збор не слушнавме од Мицкоски и Силјановска за 11 години владеење за менторот Груевски”.
– Нека биде доблесен и нека каже какво беше владеењето, дали имало правда, рекети, притисоци, имаше ли демократија…? За атер на образот кој вели му бил чист, нека ја каже вистината… Ако е доблесен, ќе рече се срамам од мојот претходник, а ако сака нека додаде – ова е новото ВМРО-ДПМНЕ, рече Заев.
Фото: Слободан Ѓуриќ