Пендаровски: Само еден е патот кон прогрес и води преку ЕУ и НАТО

Имаме неповторлива можност како генерација да оставиме трајно наследство зад нас. Обезбедена и сигурна држава, партнер на демократскиот свет, рамноправен дел од најзначајните светски сојузи. Оние кои мислат дека без НАТО и Европската Унија можеме да ги решиме децениските проблеми со иселувањето, од социјалната сфера, дека може да ја обезбедиме сигурноста и стабилноста, се лажат себеси. Од осамостојувањето до денес само еден е патот кон прогрес и води преку ЕУ и НАТО, рече кандидатот за претседател од СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски на денешниот централен митинг во Скопје.

Немаме, посочи тој, повеќе генерации за губење и затоа нема да и дозволиме на политичката опозиција да не врати од патот по кој чекориме.

-На сите оние кои сакаат да не вратат назад мора да им порачаме дека не само што нема да се враќаме назад, туку сите заедно ќе одиме напред. Не барам поддршка само да станам претседател, туку барам поддршка за концептот на иднината, концептот едно општество за сите. Ова не се само обични избори за претседател, на овие избори избираме опција да продолжиме напред кон иднината, рече Пендаровски.

Со години, како што посочи, чекоревме по овие улици со надеж и верба дека ќе се ослободиме од стегите на режимот, кои ја гушеја слободата, ја кршеа демократијата и ја заробија државата.

– Денеска ги фрливме стегите на режимот и сега чекориме по патот на евтоинтеграцијата, кон економскиот развој и севкупниот општествен напредок. На тој пат не сме осамени. Околу нас илјадници други стапки го чекорат истиот пат по кој одиме. И денес исто како во изминатите три години одиме заедно напред, рече Пендаровски.

Истакна дека за него не е важно од која националност се граѓаните, од која верска припадност, каква е нивната социјална состојба и дали се дел од власта или од опозицијата бидејќи, како што додаде, важно му е сите да имаат правда.

-Вашата правда е и моја правда, но вашата неправда ќе биде и моја грижа, рече Пендаровски.

Пред присутните на митингот Пендаровски се обврза дека ќе води политики на заедништво, а не на поделби.

-Имам намера да помирувам, не да разгорувам конфликти. Како претседател неуморно ќе работам на довршување на нашето членство во НАТО, да бидам предводник за членство во ЕУ. Моето делување нема да се заснова на непостоечки митови и реконструирани легенди, туку на реална современа политика на интеграција, рече Пендаровски и додаде дека е подготвен да биде претседател во вистинската смисла на зборот и затоа во неговата програма објавил осум клучни проекти, кои ќе започнат во првите осум месеци од неговиот мандат.

Во својот говор се осврна и на потпишаните договорите со Бугарија и со Грција, со кои, како што  рече дадовме пример и за регионот и за светот, бидејќи се затворија децениски отворени прашања во интерес на државата, во интерес на граѓаните и во интерес на иднината.

Говорејќи за својот противкандидат Гордана Силјановска-Давкова, рече дека таа ниту сака, ниту може да биде претседател на сите граѓани, бидејќи единствено сака да биде наследник на Ѓорге Иванов. Според него, опозицијата нема реална понуда, нема ништо што означува прогрес, а тој ветува дека назадувањето ќе биде дел од историјата.

 

Митингот се одржа пред Делегацијата на ЕУ,  а му претходеше марш по улиците во центарот на Скопје. Собирот почна со обраќање на ракометарот Наумче Мојсоски, кој  рече дека оваа земја има тешки натпревари пред себе со високи цели и со големи успеси. Рече  дека Стево е вистинскиот играч и „ќе го остави срцето на терен за оваа земја”.

Се обрати и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, според кого Пендаровски е предвесник на нашата европска иднина и симбол на внатрешната интеграција кој, како што рече, ќе обединува и во добро, и во лошо.

Фото: Слободан Ѓуриќ

Треба да знаете
Последни објави