(Видео) Најмалку осуммина загинаа во налет на торнадо на југот од САД

Најмалку осум лица, меѓу кои и три деца, настрадаа во налет на торнадо на југот од САД.

Силната бура ги погоди американските држави Тексас, Мисисипи, Луизијана, Арканзас и Џорџија, а во овие земји без струја останаа повеќе од 90 илјади луѓе.

Едно лице загина во североисточниот дел на Мисисипи, кога дрво паднало врз приколка, изјави директорот на патиштата за округот Монро, Сони Клеј.

Тој додаде дека по налетот на торнадо во таа област, 19 лица се хоспитализирани и дека двајца се во критична состојба, објави агенцијата АП.

Во близина на Монро, по настанатите поплави, во канал се удавило 13-годишно момче.

Во источниот дел на Тексас, две деца загинале кога дрво паднало и удрило во автомобил, соопшти канцеларијата на шерифот во областа.

Родителите, кои биле на предните седишта, не се повредени.

Неколку куќи и деловни објекти во Виксбург и Хамилтон во Мисисипи, биле оштетени, а некои потрошувачи останале и без електрична енергија.

Силни дождови и бури го погодиле и градот Магнолија во Мисисипи, продолжувајќи кон Алабамa.

Торнадо било пријавено и во југозападниот дел на Тенеси, 225 километри од Мемфис, каде што уништена била најмалку една камп-приколка, а човекот кој бил во неа е повреден.

Торнадото корнело дрвја од дворот на Државниот универзитет во Мисисипи, а околу 21.000 студенти се засолниле на приземјето од објектот, додека не помине бурата.

Треба да знаете
Последни објави