Со културно уметничка програма на која настапија ученици од училиштата „Васил Главинов”, „Блаже Конески” и „Стефан Гајдов”, денеска во касарната „Алексо Демниевски Бауман” во Велес беше одбележан денот на Командата за обука и доктрини КОД.
Командантот на КОД, полковник Љубенчо Петровски истакна дека Единициата е препознатлива во Армијата, меѓу другото и поради командувањето на искусни команданти кои со своето знаење, умешност и визија успејале да го подигнат нивото на обука и работа.
Полковник Петровски информираше дека во завршна фаза се подготовките за реализација на мултинационалната вежба „Одличен удар” која од 5 јуни до 10 јули оваа година ќе се реализира на Армискиот полигон „Криволак” со учество на околу 2.500 припадници на шест земји членики на НАТО, вклучувајќи ја и нашата земја.
Воедно, тие во октомври во нивниот Центар за симулации во касарната во Велес, ќе бидат домаќини на Регионалната симулациска вежба „REGIX 19″ со учество на припадници на 21 армија како и три земји членки на НАТО.
По повод Денот на Единицата на најдобрите старешини им беа доделени награди, а наколку институции добија благодарници за добрата соработка со КОД. Во рамките на програмата за одбележување на Денот биле одржани спортски натпревари и крводарителска акција.