Министерот за здравство Венко Филипче, во регионалниот едукативен центар во Здравствениот дом Велес денеска ја отвори обуката за унапредување на здравствените услуги преку јакнење на капацитетите на патронажни сестри, во организација на Министерството за здравство, Здружението на медицински сестри, техничари и акушерки и во соработка со Симулацискиот медицински центар на Република Северна Македонија.
– Со оваа обука, здравствените услуги ги доближуваме поблиску до граѓаните, преку добивање здравствена заштита и услуга во домот. Патронажните сестри се клучни, затоа што тие работат во заедницата, со семејствата, со поединецот, изјавил министерот Филипче, соопшти Министерството за здравство.
Врвен приоритет на Владата и на Министерството за здравство, посочил тој, е остварување на целите за одржлив развој на Обединетите Нации, како и значењето на декларацијата од Астана, со посебен фокус на примарната здравствена заштита.
Обуките за унапредување на здравствените услуги преку јакнење на капацитетите на патронажни сестри, се посочува во соопштението, ќе се спроведуваат во сите јавно здравствени установи низ државата. Во подготовка се стандардните оперативни постапки во патронажа, како и општите и специфични интервенции и подготовка на правилникот за патронажа.
Кочани е првата општина во која почна да се реализира мобилен сервис за грижа во домашни услови, во септември 2018 година. Интегрираните услуги за нега на Министерството за здравство, стои во соопштението, добија позитивна оценка од Светската здравствена организација и опишани се дека го поттикнуваат унапредувањето на здравјето.