Пере Нокаут за 24 Инфо: Се обидувам да бидам подобар и посреќен човек

Музичарот Никола Перевски-Пере, фронтменот на Нокаут е постојано на релација Барселона- Скопје, но вчера заедно со колегите од бендот беа дел од роденденската забава на Општина Аеродром. Пере во кусо интервју за 24 Инфо рече дека секој ден работи, се едуцира и се обидува да биде подобар и посреќен човек.

Во ноември лани Нокаут одржа јубилеен концерт во СРЦ „Кале“ каде имавте прв концерт пред 20 години. За годинава е најавен вашиот нов албум, ќе има ли турнеја?

Продолжуваме да работиме, лани славевме 20 години од првиот концерт, иако постоиме веќе 23 години. Годинава треба да го издадеме нашиот четврти студиски албум на кој ќе има десет песни. Секогаш се појавува проблем, еве не е проблем, туку момент кога треба да се направи селекција кои песни да влезат, да бидат застапени. Веќе неколку се издадени, имаме еден добар кавер на „Позитиво“ од Ѓованоти, тука е „Ноември“ како тема , има уште шест песни кои не се издадени.  Летната турнеја почнува од мај, така што засега имаме закажани десетина концерти низ Македонија.

Од пред неколку години си на релација Скопје- Барселона. Како постигнуваш да бидеш секаде каде што треба со оглед на професионалните и семејните обврски во Скопје?

Во Шпанија сум доста често, иако изминативе неколку месеци поради настапите со Нокаут бев повеќе овде, но знам да одам во Шпанија по месец два да се задржам, па да се вратам тука две недели и нон стоп така. Завршив пред една годин во Барселона на САЕ Академијата на катедрата за електронска музика, кај професорот Тони Верди, еден од основоположниците на електронската музика, не само во Шпанија туку и во светот. Собрав едно огрмоно искуство во Шпанија така што уште работам на неколку проекти со студентите и професорите, итн. Во моментов се обидувам да бидам подобар човек секој ден, да бидам посреќен човек, се едуцирам, учам. Ги едуцирам децата. Постарата ќерка Михаела оди по моите стапки, работиме заедно продукција, она студира на ЕСРА, пробуваме еден нормален живот колку што се може во оваа држава.

Дали можеби размислуваш да останеш во Шпанија или да се преселиш некаде на друго место во Европа?

Светот е толку голем и токму поради тоа го завршив факултетот, односно тоа што мене ме интерсираше во однос на продукцијата во Барселона и во Шпанија. Дипломата вреди во 42 држави бидејќи тоа е австралиски бренд и независно, кај и да сум во светот, и од Драчево можам да работам за Емирати или било која друга држава. 

Игор Шегавиќ

Фото: Слободан Ѓуриќ

 

Треба да знаете
Последни објави